Три лица го загубија животот во сообраќајна незгода кај „Елешец“

Три лица ги загубија животите, а едно е со тешки телесни телесни повреди во сообраќајната незгода што денес, десет минути по полноќ се случи на регионалниот пат Охрид-Св.Наум во близина на населбата „Елешец“ во Охрид.

 Христијан Ј.(21) и брачната двојка Кирил Д.(39) и Татјана Д.(28) сите од Охрид, на лице место им подлегнале на повредите додека П.Ш. (21) од Охрид се здобил со тешки телесни повреди. Тој е пренесен во општата болница каде на хируршкото оделение извршена му е хируршка интервенција. Во незгодата, со полесни повреди се здобил Д.С. (23) од селото Трпејца кои е задржан на понатамошно лекување во општата болница.

Тешката сообраќајна незгода се случила помеѓу патничките моторни возила „Исузу“ управувано од сега тешко повредениот Петар Ш. во кое биле сега починатиот Христијан Ј. и  повредениот Д.С. и товарно возило марка „Рено Канго“ во кое се наоѓале двајцата сопружници.   

Тешката сообраќајна незгода се случила во момент кога патничкото моторно возило „Исузу“ движејќи се по регионалниот во правец кон Охрид, преминало на левата коловозна лента и со предниот дел директно удрило во предниот дел од товарното возило „Рено Канго“ кое се движело во правец кон Св.Наум.

На местото на тешката сообраќајна незгода извршен е увид во присуство на дежурен истражен судија и заменик јавен обвинител, овластен судски вештак како и полициски екипи од  СВР Охрид. За време на увидот, околу три часа сообраќајот на регионалниот пат беше запрен во двата правци.

Во текот на денот, доктор на судска медицина врз телата на починатите ќе изврши обдукција.