Од утре увид во Е-дневникот преку СМС

Од утре родителите, односно старателите на децата -ученици, податоците од електронскиот дневник, ќе ги добиваат преку бесплатни СМС пораки. Еднаш неделно ќе добиваат извештај, кој ќе ги содржи сите последни промени поврзани со образованието на нивните деца, информации за нивните активности, оценки и поведение, рече на денешната прес конференција министерот за образование и наука Спиро Ристовски. СМС услугите ќе се реализираат преку трите мобилни оператори во земјата кои беа вклучени во тест-периодот ( ВИП, Т-Мобиле, ОНЕ).

„Истата се активира по желба на родителот којшто ги оставил основните податоци кај класниот раководител на паралелката каде што учи неговото дете, а кои се внесуваат во системот на електронскиот дневник. Оние родители кои досега не оставиле контакт телефон, можат да го сторат тоа во било кое време, додека, за родителите кои не сакаат да добиваат СМС пораки како неделен извештај, постои опција истите информации да ги добиваат на нивната електронска пошта“, рече Ристовски.

Во системот на Е-дневникот досега се евидентирани 337.361 родител, од кои 28.591 оставиле само мејл адреса, 64.291 оставиле само телефонски број, а 83.035 родители оставиле и мејл адреса и телефонски број. Останатите родители не оставиле податоци за контакт.

Успехот на понудената СМС услуга, најмногу зависи од одговорноста на наставниците, затоа што ако на неделна основа ги ажурираат податоците за секој ученик во Е-дневникот, тие ќе стигаат навреме на мобилните апарати на родителите односно старателите, истакна Ристовски. Додаде дека сите предуслови за непречено користење и пополнување на електронскиот дневник се обезбедени од страна на МОН.