На денешната прес-конференција, портпаролот на Владата на Република Македонија, Александар Ѓорѓиев информираше дека Владата на Република Македонија го распиша јавниот повик за аплицирање за добивање на субвенции за рибарство и аквакултура. Повикот ќе трае до 30 ноември 2013 година, период во кој сите субјекти кои ги исполнуваат законските критериуми и услови ќе може да аплицираат за добивање на заслужените средства.
Во самиот повик се предвидени две мерки за финансирање, односно за добивање на субвенција и тоа:
1. Финансиска поддршка (субвенција) за произведена и продадена риба на пазарот за која се издвоени и ќе бидат исплатени 15 милиони денари и
2. Финансиска поддршка (субвенција) за порибителен материјал од домашно производство за која се издвоени и ќе бидат исплатени 20 милиони денари.
1. Во однос на првата мерка Финансиска поддршка за произведена и продадена риба на пазарот, субвенционирањето ќе се одвива на следниот начин:
-ќе се субвенционира со по 10 денари по килограм произведена и продадена риба од видовите виножитна пастрмка, поточна златовчица, крап, амур, сом и тостолобик и
-со по 20 денари по килограм ќе се субвенционира произведена и продадена риба од видовите речна пастрмка и охридска пастрмка.
Како и минатата година, заради поттикнување и стимулирање на конкурентноста, и поддршка на сите видови бизниси субвенционирањето ќе биде скалесто и тоа:
-за произведена риба во рибник со проектиран капацитет до 25 000 килограми – 100% од субвенцијата;
-за произведена риба во рибник со проектиран капацитет од 25 000 до 50 000 килограми – 75% од субвенцијата;
-за произведена риба во рибник со проектиран капацитет од 50 000 до 100 000 килограми – 50 % од субвенцијата и
-за произведена риба во рибник со проектиран капацитет со над 100 000 килограми и производство 25% од субвенцијата.
2. Во однос на втората мерка Финансиска поддршка за порибителен материјал од домашно производство, постојат две подмерки и тоа финансирање за чување на риба-матица, и финансирање по основ на набавен порибителен подмладок, при што субвенционирањето ќе се одвива на следниот начин:
2.1. За подмерката Чување на риба-матица финансиската поддршка ќе се исплаќа во висина од 600 денари по матица, при што:
-за видовите охридска пастрмка, речна пастрмка и виножитна пастрмка, и поточна златовчица ќе се финансираат најмногу 700 броја односно најмногу 420 илјади денари;
-за видот крап ќе се финансираат најмногу 300 броја односно најмногу 180 илјади денари и
-за видовите амур, сом и толстолобик ќе се финансираат најмногу 50 броја односно најмногу 30 илјади денари.
2.2. За подмерката Набавен подмладок финансиската поддршка се исплаќа во висина за покривање на трошоците во обем кој изнесува 40% од просечната пазарна цена на набавениот подмладок.
Сите заинтересирани субјекти кои ги исполнуваат законските услови може да конкурираат со поднесување на документите до Агенцијата за финансиска поддршка на земјоделството и руралниот развој, која стои на располагање за дополнителни информации во врска со сите аспекти на овој процес. Рокот за поднесување на документите е 30 ноември и нема да биде продолжен, и затоа апелираме субјектите навремено да аплицираат, овие 35 милиони денари кои Владата ги има издвоено како средства за поддршка се добра сума, а субјектите имаат доста време за припрема, и за да ги поднесат апликациите за да влезат во процедура и да се стекнат со можноста да ги добијат средствата кои ги заслужиле и на тој начин да придонесат за развој на нивниот бизнис.