Економските односи меѓу Македонија и Хрватска незадоволителни

Економската соработка меѓу Македонија и Хрватска ќе продолжи непречено и покрај фактот што со влегувањето на Хрватска во Европската унија по автоматизам престaна да важи Договорот за ЦЕФТА.

„Соработка ќе продолжи да функционира согласно Спогодбата за стабилизација и асоцијација, а денеска заедно со министерот за економија на Хрватска, Иван Врдољак потишавме и Договор за измени и дополнувања на Договорот за билатерална трговија и економска соработка меѓу Македонија и Хрватска со кој се уредуваат сите одредби од договорот со европското законодавство“, изјави министерот за економија Ваљон Сарачини по потпишувањето на договорот.

Тој посочи дека Македонија и Хрватска имаат одлични политички односи, но оти економските односи се незадоволителни.

 „За првите девет месеци од годинава трговската размена меѓу двете земји е околу 160 милиони американски долари, а до крајот на годинава се очекува да достигне до 220 милиони. Тоа е недоволно доколку се знае дека станува збор за земји кои имаат традиционална соработка и произлегуваат од иста земја“, рече Сарачини.

Двајцата министри нагласија дека на денешната средба во Скопје станало збор за заеднички настап на македонските и хрватските компании на трети пазари, за отворање на чартер линија од Скопје до Дубровник или од Скопје до Сплит, која, како што посочија, ќе помогне за зголемување на бројот на туристи од Македонија во Хрваттска и обратно, за користење на хрватските искуства во делот на искористувањето на меѓународните фондови и во делот на либерализацијата на енергетскиот пазар, како и за заедничко користење на фондови.

„Двете земји имаат економии кои не си конкурираат една на друга поради што стопанствениците од двете земји треба да најдат интерес за заеднички настап на трети пазари“, нагласи Сарачини.

Додаде дека при неодамнешниот престој во Загреб со неговиот хрватски колега договориле пет точки на соработка кои за само еден месец биле целосно исполнети. Меѓу договорените точки биле и денешното потпишување на договорот и одржување на бизнис форум, како и за отворање на контакт канцеларии во министерствата за економија во Македонија и во Хрватска, чија цел е да ги решава административните проблеми на македонските компании во Хрватска и на хрватските во Македонија. 

„Ретко може да се најде земја со која толку брзо може да се решат пет прашања. Таков е случајот со Македонија. Само пред месец дена со министерот Сарачини во Загреб разговаравме за тоа, а веќе денеска можам да кажам дека сите се решени“, рече Врдољак.

Прашан дали проблемот со враќањето на македонските корнишони од хрватскиот пазар поради големо присуство на пестициди може да предизвика проблеми со увозот на македонски стоки во Хрватска, особено на земјоделски, Врдољак рече дека поединечни случаи не можат да влијаат на увозот.

„Инспекциските служби си ги вршат своите работи и доколку откријат неправилности стоката се враќа. Но, сепак тоа не може да биде тренд за сите стоки кои доаѓаат од Македонија во Хрватска. Поедничени случаи не можат да влијаат на одличната соработка“, рече Врдољк и нагласи дека по влегувањето на Хрватска во ЕУ се зголемуваат и стандардите за стоките кои се увезуваат.