Бошко Ѓуровски е новиот селектор на фудбалската репрезентација на Македонија

Бошко Ѓуровски е изборот за селектор на најдобрата македонската фудбалска репрезентација. Со некогашниот прославен фудбалер и репрезентативец на Македонија е потпишан двегодишен договор со можност за продолжување за уште две години. Договорот стапува на сила од 1 јануари 2014 година.

Одлуката за избор на новиот селектор беше донесена според предходно дефинираните критериуми на Фудбалската федерација на Македонија. Тренерското искуство, остварените тренерски резултати, имиџот во јавноста, карактерот, подготвеноста да има директен увид во случувањата во македонскиот фудбал и едукацијата на тренерите, како и покажаната желба за извршување на функцијата, пресудија изборот да биде на нашиот Бошко Ѓуровски.

„Како Федерација верувавме во неговите квалитети и способности, и сметаме дека со својот карактер, професионализам и пред се успешно професионално тренерско искуство ќе ги подигне стандардите на работа, дека ќе биде селектор кој во даден момент ќе го прави најдобриот избор на фудбалери и ќе постави најсоодветна тактика зависно од противниците. Сметаме дека ќе биде селектор, кој со својот стручен тим максимално сериозно ќе му пристапува на секој натпревар, ќе создаде компактен тим, каде поединците ќе бидат во функција на колективот и ќе имаме успех. Федерацијата со сите свои капацитети ќе го поддржи во неговата работа, ќе му обезбеди слобода и идеални услови за работа, а се со цел, успех во следниот квалификациски циклус.

Веруваме дека имаме иднина, дека овој наш реномиран фудбалски работник, ќе создаде синергија, напорно ќе работи со младите таленти, ќе придонесе да се развиваат како фудбалски така и со карактерни особини, кои треба да ги има еден репрезентативен фудбалер. Конечно, сметаме дека ќе биде селектор кој ќе го вади максимумот од своите избраници и ќе ја предводи македонската фудбалска репрезентација кон успех во еден квалификациски циклус“. – стои во соопштението од ФФМ.

Официјалната промоција на Бошко Ѓуровски за селектор на репрезентацијата на Македонија ќе се случи на 12 декември 2013 година.