Пирузева Јанева: Изјавата на градоначалникот дека состојбата во образовните институции била катастрофална беше повеќе од нехумана и некоректна

„Изјавата на градоначалникот дека состојбата во образовните институции била катастрофална беше повеќе од нехумана и некоректна кон сите вклучени фактори во образовниот систем, пред сè, имајќи во предвид  дека и тој, како и неговите деца се составен дел на истиот“, рече на денешната прес-конференција на ОО на СДСМ Охрид, Оливија Пирузева Јанева, член на Советот на општина Охрид од редовите на СДСМ.

Според Пирузева-Јанева за критика е фактот што градоначалникот не нашол погоден момент, барем пет  минути, учтиво и културно како што доликува на институцијата Градоначалник, да ги повика дотогашните директори на училиштата во општината и да им изрази благодарност за дотогашните залагања, туку ги испрати неговите службеници и инспекторите од ДПИ да вршат притисок за нивно принудно разрешување.

„Според кои критериуми не им беа продолжени договорите на наставниците, имајќи во предвид  дека се работи за стручни и посветени наставници, кои уредно и со ентузијазам си ја вршеа својата работна задача. Каде е ветувањето на г-дин Бакрачески, кој во тек на изборната кампања кажуваше дека никој нема да биде избркан од својата работна позиција, дека ќе има само нови вработувања? Многу брзо ги заборавивте ветувањата, г-дине Градоначалник!  Што е направено во образованието од Локалната власт на  ДПМНЕ во периодот од 24-ти март до денес? Едно големо НИШТО! Насилно, како што доликува само на ДПМНЕ се разрешени директорите на училиштата и на најгруб начин се отстранети од своите работни места 60- тина наставници“. – додаде Пирузева Јанева.

На прес-средбата Пирузева Јанева кажа дека пред почетокот на новата учебна година Локалната власт не извршила никаква припрема на училиштата.

„Нема вработен во образованието кој не знае какви се зафати  не се преземаа во учлиштата во изминатите години во летниот период, од основни, до капитални инвестиции, за подобрување на условите за работа. Единстевени зафати во училиштата сега, беа молерисување на канцалариите на новите ВД директори, сечење на дрвата во дворовите , а во едно од училиштата обојување на влезната врата во јака црвена боја, која психолозите ја окарактеризираат како непожелна за простор во кој престојуваат деца. Единствено во училиштето во Пештани беше молерисан горниот спрат и тоа од проектот од Мировниот корпус, со обезбедени средства,уште од старото раководство во ова училиште. По којзнае кој пат беше пуштена во употреба  спортската сала во ОУ „Живко Чинго“ која после сечењето на лентите до ден денес е затворена за учениците од ова училиште. Исто така повторно е пуштен во употреба стариот мост  на улица Питу Гули. Отворена е детска градинка во просториите на училишната менза во ОУ „Живко Чинго“, со што е укинат топлиот оброк на учениците – инаку, се работи за два различни субјекта од две различни министерства сместени во ист објект, со еден саат за потрошена електрична енергија и еден саат за потрошена вода. Освен тоа, какви услови  имаат тие дечиња, кои во просториите влегуваат од ист влез со поголемите деца, креветчињата на кои спијат се на бината за приредби, а кога им е време за спиење, на поголемите им е време за одмор: може да се замисли како спијат во такви услови?!“ – истакна Пирузева Јанева.

Понатаму Пирузева Јанева обвини дека новите директори работат без нималку транспарентност: преку ноќ без известување на вработените, праќаат свои луѓе на семинари, што кај вработените поттикнува нервоза и недоверба. 

„Сите други задолженија, како секојдневно испраќање на дневни подготовки по е-маил, зачестените инспекциски надзори, пополнување на електронскиот дневник кој работи многу  бавно и нема капацитет да ги опслужи сите логирани корисници  во даден момент, само го долеваат маслото на огнот, па нервозата на наставниот кадар се одразува врз наставата, која се одвива со голем притисок  и врз учениците, во сите  училишта. Во училиштата се спроведуваат анкети за јавност со кои  се врши манипулација на учениците за политички цели. Голем дел од екскурзиите кои ги спроведоа училиштата беа толку промашени од организациски аспект што не вреди да ги споменуваме, единствено да кажеме: БЕШЕ ЕДНАШ, НО ПОВЕЌЕ ДА НЕ СЕ ПОВТОРИ!“ – заврши Пирузева-Јанева.

PressSDSM_2

WebOhrid