Универзитетот „Св.Апостол Павле“ и компанијата „ХАСЕЛТ“ потпишаа меморандум за соработка

Универзитетот за Информатички науки  и технологии „Св. Апостол Павле“ од Охрид и ИЦТ компанијата „ХАСЕЛТ“ потпишаа меморандум за соработка. Оваа соработка се заснова на размена на искуства и знаења, поттикнување и продлабочување на образовна, практична, научна и техничка соработка во областа на информатичките науки и компјутерското инженерство.

Целта на овој меморандум  е да се официјализира  соработката помеѓу Универзитетот и „ХАСЕЛТ“ и  да се овозможат услови за споделување на заедничките цели во областа на информатичките науки и технологии.

„Соработката со „ХАСЕЛТ“ е иницијатива за приближување на практичниот и теоретски пристап како приоритет на едукативните политики на Универзитетот за информатички науки и технологии. Се надеваме дека oвој договор ќе го поттикнe унапредувањето на образовните и апликативните активности поврзани со информатичките науки и технологии“, – изјави проф. д-р Нинослав Марина Ректор на Универзитетот „Апостол Павле“. 

„Блиската соработка помеѓу УИНТ „Св. Апостол Павле“ и „ХАСЕЛТ“ ни отвара одлична можност за реализирање на многу заеднички проекти коишто ќе им помогнат на студентите да им се приближи мостот помеѓу знаењата стекнати на факултет и практичната работа во индустрија, а соодветно на нашата компанија и дава прилика да влијае на најдобар можен начин во едукацијата и создавање на високо професионални кадри коишто во иднина ќе заземаат значајно место и сериозно ќе влијаат во ИТ индустријата во Македонија“, – вели Хајан Селмани, основач и сопственик на „ХАСЕЛТ“.

„ХАСЕЛТ“ е компанија за развој на иновативни софтверски и ИТ решенија користејќи најнови и најмодерни ИТ технологии. „ХАСЕЛТ“ е стратешки партнер со повеќе успешни странски компани во ИТ индустријата и е главниот изведувач и креатор на нивните софтверски решенија. Компанијата моментално има примарно и главно преставништво за развој на софтвер во Скопје, Македонија и преставништво за развој на бизнис во Њујорк, САД.