Градоначалникот Бакрачески го отвори фестивалот на Египќаните – „Sound of Egypt“

Градоначалникот Никола Бакрачески, вчера во Центарот за култура „Григор Прличев“ со пригодно обраќање, го отвори Четвртиот по ред фестивал на музичко и фолклорно творештво на Египќаните – „Sound of Egypt“.

„Вечерва имам особено задоволство да ги поздравам присутните во Центарот за култура во Охрид, изведувачите, организаторите на Четвртото издание на „Sound of  Egypt“ – фестивалот на музичкото и фолклорното творештво на Египќаните од Република Македонија и посебно претставниците на Здружението на Египќаните од Охрид, со кои очекувам натамошна интензивна соработка. Искрено се надевам дека низ шаренилото на звуци и напеви презентирани вечерва, ќе потече позитивна енергија, која е своевиден белег на оваа етничка заедница и значаен дел во вкупните културни обележја на нашиов простор“. – рече градоначалникот Бакрачески.

Градоначалникот Бакрачески додаде дека Египќаните од Охрид, се значаен чинител во градењето толеранција и соживот, што е основ за развој на заедницата.

„Денес, Охрид и Република Македонија во Египќаните препознаваат пријатели, соседи и сограѓани со кои можеме да решаваме заеднички проблеми и да ја градиме заедничката иднина“. – истакна градоначалникот Бакрачески.

Во знак на благодарност за поддршката која ја добиваат од Локалната самоуправа и лично од градоначалникот Никола Бакрачески, претседателот на Здружението на Египќаните од Охрид, му врачи благодарница.