Презентирани новите решенија во законите за администрација

Министерството за информатичко општество и администрација, денес ги презентираше новите решенија по однос на предлог-законот за административни службеници и предлог-законот за вработени во јавниот сектор.

Министерот Иво Ивановски, заблагодарувајќи се на домашните и странски експерти, институции и организации за учеството во подготовката на законите, истакна дека Законот за вработените во јавниот сектор за прв пат на систематски начин ги регулира сите вработени во таа област. Со него се опфатени административните службеници, службените лица со посебни овластувања кои засновале работен однос во институциите од областа на безбедноста, одбраната и разузнавањето, давателите на јавни услуги во кои се вклучени лекарите, учителите, наставниците, професорите, социјалните работници, како и другите лица кои се вработени во институциите на јавниот сектор кои се даватели на јавни услуги, како и помошно – техничкиот персонал во институциите на јавниот сектор.

„Новиот Закон за административни службеници има целосно променет пристап во однос на предметот на уредување. Со него се опфатени сите лица кои се вработени во јавната институција, а кои вршат работи од админстративен карактер. Тоа значи дека овој закон ги опфаќа сите вршители на административни работи, без оглед дали тие се вработени во некоја државна институција, локална институција, институција која дава јавни услуги или пак јавно претпријатие.“ – рече министерот Ивановски.

Инаку, на презентацијата беа претставени основните начела и определби на законските решенија, кои треба да понудат зголемена ефективност и ефикасност, подобар квалитет на услугите и зголемена достапност до граѓаните, независност, објективност и непристрасност, како и нулта толеранција на корупцијата.

Заменик министерот за информатичко општество и администрација, Марта Арсовска Томовска, им се заблагодари на сите институции во земјата, домашни и странски експерти кои учествуваа во подготовката на нацрт-содржините на новите закони, истакнувајќи дека во наредниот период се очекуваат корисни забелешки и предлози од засегнатите страни по однос на предлог-текстовите, кои можат да се најдат и на страната на Единствениот национален електронски регистар на прописи ener.gov.mk.

Професорот по административно право и јавна администрација, д-р Борче Давитковски, од своја страна ги објасни поглавјата на предлог-законите, очекувајќи конструктивна расправа за нив, бидејќи како што напомена понудени се реформски закони.

На настанот присуствуваа и претставници на органи на државна управа, локалната самоуправа, синдикатите, Собранието на Република Македонија, како и од други институции и заинтересирани страни.