Министерството за култура денеска додели уште 11 решенија за национална пензија, со кои нејзини приматели досега се вкупно 59 уметници и автори.
Во групата добитници на национална пензија се придружија архитектот Климе Коробар, кустосот-историчар Галена Куцуловска, ликовните уметници Владимир Георгиевски и Ставре Димитров, диригентот Ивица Зориќ, актерот Благој Чоревски, писателите Халил Зендели, Санде Стојчевски и Џабир Ахмети и поетите Михаил Ренџов и Веле Смилевски.
Решенијата им ги врачи министерката за култура Елизабета Канческа-Милевска која истакна дека нивниот труд ќе остане трајна вредност на македонската културна сцена.
„Република Македонија денеска е земја со силен уметнички потенцијал, со автори кои создаваат врвни вредности и освојуваат многубројни признанија и награди. Сево ова е резултат на вашиот придонес, кој беше пример и порака до младите генерации за истрајност, трудољубивост и, секако, пожртвувано вложување во културата. Затоа најсрдечно, почитувани доајени, сакам да ви се заблагодарам за се што сторивте за развојот на македонската култура“, истакна Канческа-Милевска.
Како и 48-те минати добитници, и новите ќе добиваат месечен надомест од Министерството за култура. Износот се пресметува од разликата меѓу пензијата што ја остваруваат и највисоката пензија во Република Македонија.
Поетот Ренџов изјави за медиумите дека е одушевен од потегот на Министерството за култура со кој, како што рече, се исправа неправда.
„Сум ги добил сите награди, но оваа ми дојде поинаку, зашто не е само чест туку и материјална благодат, затоа што ние во културата сме во најниски категории на пензионери. Се исправи една грешка. Автор сум на 39 книги, но бев со 300 евра пензија. Тоа беше неправда, а со ова е сосема друга ситуацијата“, рече Ренџов.
Националната пензија се доделува согласно со измените на Законот за култура од 1 јануари 2012 година и право да ја примат имаат уметниците и другите стручни работници од областа на заштитата на културното наследство, кои се добитници на државните награди „11 Октомври“, „Св. Климент Охридски“ и „23 Октомври“ за долгогодишни остварувања во културата или за животно дело.