Ѓуровски официјално претставен за нов селектор

Денес во Куќата на фудбалот беше одржана прес конференција за официјално претставување на новиот селектор на Македноската Фудбалска Репрезентација, Бошко Ѓуровски.

„Со Бошко Ѓуровски склучивме договор на две години, со можност за продолжување на истиот за уште две. Бошко Ѓуровски е наша фудбалска легенда, но и реномиран стручњак кој веруваме дека со својата стручност, посветеност и објективност ќе успее заедно со нашите репрезентативци да постигне резултати, на радост и на задоволство на сите вљубеници во фудбалот, поддржувачите на македонската фудбалска репрезентација, како и на целата спортска јавност. Фудбалската Федерација на Македонија, како пратечки сервис на репрезентацијата ќе се потруди да обезбеди оптимални услови за непречена реализација на плановите на нашиот селектор. Нека е со лесно, и со многу успех“. – истакна претседателот на ФФМ, Илчо Ѓорѓиоски во своето воведно обраќање, и како добредојде на новиот селектор му врачи дрес на македонската репрезентација, со бројот 8, оној кој Ѓуровски во носеше кога настапуваше за нашата репрезентација како играч.

„Добар ден на сите во Македонија, и на сите оние кои живеат надвор од Македонија, а кои ѝ посакуваат успех на Македонската Фудбалска Репрезентација. Како што знаете, роден сум во Македонија, и среќен сум што ми се даде оваа можност, да ја водам репрезентацијата на земјата во која што сум роден. Би сакал да се заблагодарам на укажаната доверба од страна на раководството на ФФМ.

Јас сум оптимист, и покрај неуспехот во квалификациите за светското првенство во Бразил, сметам дека Македонија има таленти и потенцијал за да оствари успех во квалификациите за Европското првенство во Франција, 2016 год. Она што сакам да го истакнам е дека Македонија мора да игра похрабро – и според мене тоа е она што недостасуваше во минатиот циклус на квалификации. Јас сум тренер кој од играчите бара да го вложат својот максимум и никогаш да не се откажуваат. Како што би се изразиле оние од англиските говорни подрачја: Never Give Up – тоа треба да биде нашето мото за квалификациите за европското првенство во Франција. Во репрезентацијата ќе играат најдобрите играчи, оние кои ќе се истакнат со своите фудбалски квалитети, но и со карактер и победнички менталитет. Психолошката подготвеност во тој правец мора да биде на највисоко ниво.

Ќе ни биде особено важна поддршката од навивачите, од медиумите и од целата Македонска јавност.

Нѐ очекува напорна работа, пред нас претстои шест месечен период без натпревари од бодовен карактер, во кој што ќе се насочиме кон одигрување на 2-3 пријателски натпревари како би можел подобро да ги оценам потенцијалите на играчите.

Ги имам гледано сите натпревари на македонската репрезентација во последната година, и имам јасна претстава за потенцијалот на играчите кои настапија. Веќе имам развиено концепт, ќе се рагледаат неколку играчи кои настапуваат во странските лиги, но пред сѐ фокусот ќе биде ставен на играчите од домашното првенство, бидејќи и најзвучните фудбалски имиња кои го носат или го носеле дресот на нашата репрезентација, потекнуваат токму од тука“. – истакна селекторот Ѓуровски во своето обраќање.

„Мојата база е во Белград, но за овој ангажман планирам да се преселам во Скопје, и повремено да патувам во Белград, а не обратно. Договорот со Фудбалската Федерација на Македонија е во времетраење од две години, и ви давам ветување дека нема да планирам никакви трансфери во тој временски период.

Неблагодарно е да се прогнозира пласманот на репрезентацијата во квалификациите за европското првенство во Франција, но јас би сакал до последниот натпревар да останеме во игра за пласман, или за бараж натпреварите. Планот е што побрзо да стигнеме до двоцифрен број на бодови.

Што се однесува до прашањата наменети за Горан Пандев, сеуште се немам слушнато со него, планирав тоа да го направам по оваа прес-конференција. Според мене, Горан Пандев ѝ е потребен на репрезентацијата, ужива голем углед кај соиграчите, претставува идол за младите, и сметам дека може уште многу да придонесе кон успехот на македонската репрезентација. Искрено се надевам дека ќе ја преиспита својата одлука и дека повторно ќе го облече македонскиот дрес“. – додаде Ѓуровски.

Селекторот исто така образложи дека сеуште не е направен избор на соработници за стручниот штаб на репрезентацијата, но дека ФФМ ќе излезе со информации веднаш штом ќе се донесе таква одлука.

Претседателот на ФФМ, Илчо Ѓорѓиоски исто така истакна дека селекторот ќе биде вклучен и во работата на тренерската организација и дека активно ќе дава свој придонес кон унапредување на фудбалот во Македонија.

ilco-i-bosko-press