СДСМ: Дали и што се гради на местото кај поранешна градска библиотека?

„Доколку во изминативе неколку денови имавте можност да се прошетате кон стариот дел на градот, тогаш на местото каде што порано се наоѓаше градската библиотека можевте да забележите одредени активности што наликуваа на градежен потфат. И да немавте прилика да го видите тоа со свои очи, тогаш имавте прилика да го дознаете тоа преку средствата за јавно информирање, каде што од Локалната самоуправа несебично не информираа дека: „на споменатата локација се преземени интензивни градежни активности и дека се уредува плоштад според светски стандарди“.“ – ова го истакна портпаролот на ОО на СДСМ Охрид, Александар Кузески, на денешната прес-конференција.

„Имено, сите имавме прилика да ги видиме на локалните медиуми одредени препознатливи одговорни лица од локалната самоуправа, како гледаат во некакви проектни планови и како покажуваат со рацете во одредени правци, а одреден број работници изведуваат градежни работи во позадина. Инаку Член 83 од Законот за градење вели дека изведувачот е должен градилиштето да го загради заради спречување на неконтролиран пристап во градилиштето со соодветна ограда на начин што работата во градилиштето нема да ги загрози минувачите. Исто така градилиштето мора да биде означено со информативна табла која задолжително треба да содржи име, односно назив на учесниците во изградбата, назив и вид на градбата која се гради, надлежниот орган кој издава одобрение за градба, број и датум на издаденото одобрение за градење, како и назнаката дека се работи за заштитено недвижно културно наследство согласно со закон, ако таа градба е запишана во Националниот регистар на културно наследство.“ – истакна Кузески.

Од ОО на СДСМ Охрид ја прашуваат Локалната градска власт дали има сознанија за градежниот потфат на оваа локација и дали воопшто може тој потфат да се нарече градежен бидејќи ако е таков треба да се провери дали се коси со Законот кој го регулира.

Во врска со спортската сала „Тодор Александров“ во село Велгошти, портпаролот Кузески истакна:

„Вчера од општина Охрид објавена е информација дека спортската сала во дворот на ОУ „Живко Чинго“ во село Велгошти наводно е во целосна употреба и дека во неа децата од училиштето непречено ги реализираат часовите по фискултурно образование. ОО на СДСМ Охрид во оваа прилика ги известува сите граѓани на Општина Охрид  за целосната вистина. Имено, на 10-ти декември 2013 година спортската сала во Велгошти ЗА ПРВ ПАТ ПРОРАБОТИ И ЗА ПРВ ПАТ БЕШЕ СТАВЕНА ВО ФУНКЦИЈА НА УЧЕНИЦИТЕ. СДСМ сака да ги потсети граѓаните на следните неколку факти:

– Спортската сала во Велгошти за прв пат официјално беше отворена и пуштена во употреба во далечната 2002 година, од страна на тогашниот премиер Љубчо Георгиевски, но цели 11 години не беше во функција.

– Реконструкцијата на салата започна на 21 септември 2012 година, но до вчера не беше пуштена струја и греење.

– Спортската сала во Велгошти по втор пат официјално беше пуштена во употреба на 4-ти март оваа година, од страна на Премиерот Никола Груевски, за време на изборната кампања и повторно не беше ставена во функција.

– По насилната промена на директорот на училиштето пред 6 месеци, спортската сала во Велгошти по трет пат официјално беше пуштена во употреба од страна наГрадоначалникот на Општина Охрид, Никола Бакрачески, и повторно не беше ставена во функција.

– Спортската сала во Велгошти на почетокот на летото беше и по четврти пат официјално отворена и пуштена во употреба од страна на Секретарот на Општина Охрид, Димитар Спасески, но повторно не беше ставена во функција.

– Спортската сала во Велгошти, по цели 11 години од нејзиното прво официјално отворање, односно по цели 5 месеци од нејзиното последно, четврто, свечено пуштање во употреба од страна на градските власти, за прв пат беше ставена во функција на 10.12.2013 година, за потребите на фискултурното воспитување на учениците од училиштето.

Ете, тоа е вистината за работењето на спортската сала во Велгошти, а јавноста сама нека оцени колку и од кога е салата во целосна и непречена употреба. Ние им го честитаме на учениците и на наставниците вистинскиот почеток на работењето на спортската сала и им посакуваме постигнување на значајни спортски и рекреативни резултати. Исто така, се надеваме дека многу наскоро и темепратурата во салата ќе биде на прифатливо задоволително ниво, за да не мрзнат дечињата, заедно со наставниците, додека ги одржуваат часовите по физичко.“ – рече Кузески.