Билатерални средби на министерката Јанкулоска со своите колеги од Србија, Косово и Црна Гора

Министерката за внатрешни работи м-р Гордана Јанкулоска вчера на маргините од министерскиот Форум ЕУ-Западен Балкан што се одржува во Будва, Црна Гора, оствари билатерални средби со српскиот премиер и министер за внатрешни работи Ивица Дачиќ, како и со нејзиниот косовски колега Бајрам Реџепи.

На средбата со г-динот Дачиќ, двајцата министри досегашната соработка меѓу двата ресори ја оценија како исклучително добра, со конкретни заеднички активности реализирани во изминатиот период реафирмирајќи ја заложбата дека постои широк простор за натамошно интензивирање на истата. Притоа, се разговараше на повеќе теми од заеднички интерес, а особено беше апострофирана потребата од потпишување на Правилникот за работа и организација на Заедничкиот контакт Центар “Табановце“ и ставање во функција на истиот, дотолку повеќе што текстот на договорот е веќе усогласен од двете страни. Исто така двајцата министри разговараа и околу Потпишување на Протоколот меѓу МВР на Р.Македонија и МВР на Р.Србија за соработка во текот на претстојната туристичка сезона во Република Македонија, како и околу скорешно финализирање на Договорот меѓу Владата на Република Македонија и Владата на Република Србија за реципрочно признавање на возачки дозволи.

На средбата на министерката Јанкулоска со косовскиот министер за внатрешни работи Бајрам Реџепи, двајцата министри ги сумираа досегашните аспекти и полиња на полициска соработка, пред се во делот на граничната безбедност при што беше заеднички потенцирано дека соработката се одвива во нагорна линија. Јанкулоска и Реџепи констатираа дека и покрај фактот што Република Косово се уште не е дел од регионалните програми, проекти и иницијативи, билатералната полициска соработка се одвива на високо ниви во сите области во коишто заеднички се делува.

Денес пак министерката Јанкулоска се сретна и со домаќинот на Форумот црногорскиот министер за внатрешни работи Рашко Коњовиќ. На билатералната средба на којашто министерот Коњовиќ упати и официјална покана до министерката Јанкулоска за посета на Црна Гора, беше констатирано дека досегашното партнерство и соработка на двете институции упатува на натамошно динамизирање на меѓусебната соработка не само во рамки на разните европски иницијативи и програми туку и во конретна билатерална насока. Така меѓу другото двајцата министри разговараа за скорешно парафирање на Договорот за реципрочно признавање на националните возачки дозволи меѓу Република Македонија и Црна Гора, како и околу потпишувањето на Протокол за соработка меѓу Република Македонија и Црна Гора во периодот на туристичка сезона во Црна Гора.

Инаку, во рамки на Форумот ЕУ-Западен Балкан на којшто  учествуваат министрите за внатрешни работи и за правда на земјите од западниот Балкан и претставници на ЕУ, министерката Јанкулоска говореше на темите посветени на механизмите за следење на пост-визната либерализација, како и околу граничното управување особено од аспект на регионалната соработка.

Притоа Јанкулоска констастирајќи дека појавата на злоупотреба на визната либерализација од страна на граѓани од земјите на западен Балкан е се уште актуелна, истакна дека во Република Македонија, веднаш по добивањето на првиот сигнал за зголемувањето на бројот на неосновани барања за азил во 2011 година,  се воспостави Високиот комитет на министри за мониторинг на имплементацијата на безвизниот режим со ЕУ, а проблемот беше издигнат на највисоко ниво, со цел да се превенира оваа негативна појава. Во тој контекст Јанкулоска ги презентираше низата мерки што институциите во државата ги превземаа за анулирање на појавата на лажни азилатни, како и конкретните показатели од тие активности.

По однос пак на граничното управување Јанкулоска потенцираше дека одржувањето на безбедни граници и спречувањето и борбата против илегалната миграција се во врвот на нашите приоритети кога станува збор за менаџирање со границите.

„Нашите настојувања се да ги имплементираме и развиваме сите алатки и механизми во поглед на прекуграничната соработка со соседните држави како што се развивањето на системот на интегрирано гранично управување, воспоставувањето на заедничките контакт центри со сите соседни држави, соработка со ФРОНТЕКС преку учество во заедничките координирани операции, целосна имплементација на договорите за реадмисија, како и континуирано техничко опремување на граничната полиција“, нагласи Јанкулоска.