Спортско дружење помеѓу учениците од „Христо Узунов“ и „Св.Климент Охридски“

Зближување, дружење помеѓу генерациите, разменување на мислења, следење на наставата во училиштата „Христо Узунов“ и „Св.Климент Охридски“, беше целта на денешниот спортски настан, кој се одржа во ОУ „Христо Узунов“. Ваквата активност има за цел да придонесе развој и комуникација на една здрава личност, која што понатака ќе прерасне и во големи другарства.

„Личната причина помеѓу мене и колегата, директорот Пуроски  беше тоа што секогаш се гледаше на негативните страни, тие собиранки во училиштата. Меѓутоа овој пат сакаме да ја истакнеме таа позитивна страна, да ги сплотиме децата, бидејќи тие излегуваат заедно, живеат во овој град. Целта беше токму тоа дружење, да се направи што поголемо, покомпатибилно во однос на нашето улилипте“, – изјави за WebOhrid директорот на ОУ „Христо Узунов“, Тони Симоновски.

Според директорот на ОУ „Св.Климент Охридски“, Јордан Пуроски, ваквото организирање на спортски настани помеѓу општинските основни училишта „Св.Климент Охридски“ и „Христо Узунов“ е знак на добрата комуникација и соработка.

„Сакаме што повеќе ученици од помалата возраст да се вклучат во спортските игри, бидејќи истите позитивно влијаат на нивната социјализација, проширување на нивните другарства како и на мотивираноста во понатамошните тренинзи. Имајќи го во предвид стратешкото значење на училишниот спорт како и неговиот допринос во антрополошкиот развој на младата генерација како и позитивното влијание во борбата против пороците, овој вид на активности се од големо значење и се неопходни,“ – истакна Пуроски.

Секако дека ова тука не застанува, како што истакнаа двајцата директори, соработката и понатаму продолжува, а вакви средби ќе продолжат и со другите училишта во општина Охрид и во државата. Во второто полугодие од оваа учебна година, ученици од ОУ „Христо Узунов“ ќе бидат гости во ОУ „Св.Климент Охридски“.

WebOhrid