ОО на СДСМ Дебарца го обвинува градоначалникот на Дебарца

Со одлука на Извршниот одбор на Општинската организација на СДСМ Дебарца, формиран е Центар за комуникации со јавноста, чија задача е преку користење на соодветни методи и алатки на современото јавно комуницирање да ја информира јавноста за сите активности на ОО СДСМ.

„Центарот го сочинуваат Благојче Стојчески – раководител, Ангел Секулоски – портпарол, и членовите  Радмила Филипоска, м-р Томчо Алексовски  и Славица Кузеска. Со оваа промоција на Центарот, сакаме да му порачаме и на градоначалникот на општина Дебарца дека ова е Тимот на ОО СДСМ Дебарца, креаторот на сите досегашни медиумски настапи во вид на соопштенија и реакции со критичка содржина за неговата работа, со цел, да престане своите фрустрации во недостиг на аргументирани одговори, да ги лечи со политички притисок врз претседателот на ОО СДСМ Дебарца, Зоран Ногачески, вработен во општина Дебарца, како раководен државен службеник. Притоа, испраќаме јасна порака дека во иднина, уште пожестоко ќе ги критикуваме сите слабости во работењето на градоначалникот на општината и ќе ги споделуваме со граѓаните на општината и пошироката јавност“, – информираат ОО на СДСМ Дебрца.

На денешната прес-конференција ОО на СДСМ Дебрца се осврна според нив, за континуираната политичка пресија која се врши врз претседателот на Општинската организација од страна на градоначалникот на Општината, Трајкоски.

„Со доаѓањето на новата општинска власт врз Претседателот на ОО СДСМ, вработен како раководен државен службеник во општина Дебарца, со седумнаесетгодишно работно искуство во Локалната самоуправа и несомнено еден од најстручните и најискусните државни службеници во општинската администрација, се врши невиден политички притисок и реваншизам кој претставува политичка дискриминација и мобинг, манифестиран преку негово прераспоредување, одземање на сите работни задачи, неоправдано оценување со пониски оценки, донесување на решенија за изрекување парична казна и укинување на додаток на плата за степен на кариера, кои патем речено по негова жалба беа укинати од второстепената комисија на Агенцијата за администрација. Притисокот особено станува поизразен по неговото именување за претседател на Општинската организација, за да сето ова кулминира наредниот ден по одржувањето на отворената трибина со граѓаните во Белчишта, на која гостуваше заменик претседателот на СДСМ, Радмила Шеќеринска, кога е прераспореден на работно место во местноста Сливовски Анови, на 15 км од седиштето на општината, во регионот на Горна Дебрца, во канцеларија сместена во напуштената амбуланта за примарна здравствена заштита, без телефон и интернет конекција, сам,без работни обврски и прием на странки. За да биде иронијата поголема според образложението прераспоредувањето се врши заради подобро вршење на надлежностите од инспекцискиот надзор и подобар контакт со граѓаните. Се прераспоредува во регион во кој во седумте села, едвај живеат стотина жители или 2 % од вкупното население во општината, регион во кој поради немањето на жители се укинаа амбулантата за примарна здравствена заштита, месната канцеларија, а пред затворање е и последната институција, поштата, која работи само три часа во денот. И притоа, сето ова се врши со флагрантно кршење на Законот за локалната самоуправа, Законот за државните службеници, одлуките на советот на општината и другите прописи кои ја уредуваат организацијата на општинската администрација“, – реагираат од ОО на СДСМ Дебрца.

Ваквото постапување, според СДСМ Дебарца, претставува пресметка со политички неистомисленик и дискриминација по основ на политичка припадност и изразување, класичен партиски реваншизам и политички примитивизам кој се манифестира со грубо кршење на основните слободи и права на човекот и граѓанинот, загарантирани со Уставот, законите и ратификуваните меѓународни договори, а првенствено повреда на правото на работа и слободата на политичко уверување и здружување и крајно, деградирање, понижување и нарушување на достоинството на државен службеник. Метод кој бил одлика на мрачното време на сталинизмот, кога Сталин на нејбезобзирен и нечовечки начин се пресметувал со политичките неистомисленици, испраќајќи ги во Сибирските гулази.

„Осудувајќи го ваквото однесување на градоначалникот на општината, бараме да престане со незаконските и недемократски постапки и во согласност со актите за внатрешна организација и систематизација на работните места во општината, државниот службеник го врати на работа во седиштето на општинската администрација. Во спротивно, ќе ги искористиме сите демократски средства за спречување на политичкиот реваншизам, за што ќе бидат известени сите релевантни државни и други институции за заштита на човековите слободи и права, како и претставниците на Европската Унија и ОБСЕ во Македонија. И се додека во општината Дебарца од страна на градоначалникот на општината има незаконско постапување, со кое се спроведуваат политички мотивирани хајки и прогони на државните службеници, со што се доведува во прашање демократскиот кредибилитет и капацитет на органите на општината советничката група на СДСМ во советот на општината, составена од пет советници не гледа причина зошто да учествува во работата на советот на општината, притоа давајќи легитимитет на незаконското практицирање на локалната власт од страна  на градоначалникот, кој наместо да ги почитува и извршува актите на советот истите ги крши врз дискриминаторска основа,“ – реагираат од ОО на СДСМ Дебрца.