За неколку дена само на подрачјето на Скопје одземени над 140.000 парчиња пиротехника

Во пресрет на новогодишните празници од страна на Министерството за внатрешни работи континуирано се преземаат мерки и активности за следење на состојбата со нелегалната продажба на пиротехнички средства и нејзино сузбивање.

Како и претходните години така и изминативе неколку дена во само три контроли на ПМВ во Скопје,  пронајдени и одземени се над 140.000 парчиња пиротехнички средства. Исто така, изминативе две недели контроли се спроведуваат и во други градови низ државата при што запленети се околу 25.000 парчина пиротехнички средства – петарди, ракети и огномети.

Така, минатава недела, поточно на 17 овој месец на магистралниот пат Скопје ГП Блаце кај бензинска пумпа “Еуроактива“ од страна на полициските “алфи“ сопрено е ПМВ “Сеат Кордоба“ со скопски регистарски таблички управувано од лицето Ф.Б. (21) од село Блаце и при прегледот на возилото беа пронајдени и одземени вкупно 95.000 парчиња петарди. Потоа на истиот датум околу 22,40 часот на автопатот Скопје-Тетово, поточно кај клучка Матка, од страна на УПС од ПС за БПС-Автопат Тетово, било запрено ПМВ “Сеад Толедо“ со гостиварски регистарски таблички управувано од Б.Ј.(29) од Гостивар, а како сопатник била затекната С.Ј. (59) од Гостивар. При преглед на возилото, поточно во багажниот простор биле пронајдени 6.700 парчиња пиротехнички средства (петарди и ракети), кои со потврда за привремено одземени предмети се одземени. Лицата се приведени и во 23,20 часот со одземените предмети се предадени на УПС од ПС-Ѓорче Петров за понатамошна постапка.

На 18 овој месец на излез од Скопје во близина на бензинска пумпа “Макпетрол“ запрено е ПМВ “Ауди А6“ со скопски регистарски таблички управувано од С.М. (32) од Скопје. При преглед на возилото пронајдени се и одземени 11.259 петарди и 133 огномети. На истиот датум од страна на полициски службеници од СВР Битола извршен е претрес во домот на М.М. (25) во Битола, при што беа пронајдени и одземени вкупно 6360 парчиња петарди. Вчера пак (20.12.) во Македонска Каменица од страна на пол.службеници од НККР-Делчево извршен е претрес во домот и помошните простории на Ј.В. (45) како и во просториите на ТП„Савајо“ (продавница) сопственост на сопругата на Ј.В. при што пронајдени и со потврда за привремено одземени предмети одземени се вкупно 4320 парчиња петарди.

Исто така во повеќе вакви активности на почетокот на месецов на подрачјето на Скопје Битола и Штип беа пронајдени и одземени речиси 15.000 парчиња разновидни пиротехнички средства од познатите “пиратки“ па се до ракети, огномети во облик на “кашикара“, експлозивни петарди огномети “меџик шат“ и друго.

По целосно документирање на реализираните случаи од страна на Министерството за внатрешни работи против сторителите ќе бидат поднесени соодветни пријави. Инаку, колку за потсетување, минатата година од страна на Министерството за внатрешни работи беа запленети над 253.000 илјади петарди, а против лицата инволвирани во препродажбата на овие средства беа поднесени соодветни поднесоци.