Градоначалникот на децата заболени од дијабетес им вети решавање на проблемите со кои се соочува нивното Здружение

Општина Охрид секогаш ќе ги помага и ќе излегува во пресрет на Здруженијата на граѓани формирани на различна основа, социјална, здравствена или  културна, потенцира градоначалникот  Никола Бакрачески, кој во рамки на  своите новогодишни средби, денес ги прими и ги слушна потребите на членови од  Здружението на деца заболени од дијабет Б-1.

Бесплатен превоз  до локациите каде ќе се реализираат нивните  редовни активности  и решавање на просторниот проблем им вети  градоначалникот  на сите деца- членови на ова здружение. Потенцијална можност е идните  состаноци на Здружението да се одржуваат во Заводот за кардио васкуларни заболувања во Охрид.

„Во тој поглед една од варијантите кои што денес ги разгледавме се постоечките капацитети на Заводот за кардио-васкуларни заболувања кои што имаат 13 годишна традиција во континуирана медицинска едукација  и  во  тие рамки  во институцијата редовно  се зборува за ризик факторите, а еден од нив е дијабетот. Сега тие  едукативни активности можеме да ги прошириме и во делот на едукација на родители и семејства кои што имаат деца заболени од дијабет тип  Б- 1“, – истакна градоначалникот Бакрачески чиј предлог со задоволство беше примен од родителите и  децата членови на Здружението.

Средбата со членовите од Здружението на деца заболени од дијабет Б-1 , градоначалникот Бакрачески ја заокружи со делење новогодишни пакетчиња.

„Во Новата година ви посакувам, добро здравје, успеси во училиште и реализација на секоја  ваша желба која е во насока на личното и општествено добро“, – рече градоначалникот, топло поздравувајќи се со децата.

Инаку состанувањата  на градоначалникот со членови од  останати Здруженија од  различни категории луѓе ќе продолжат и во наредниве денови како за Нова Година така и по повод Божиќ и Водици.