Нови додатоци за лицата со инвалидност

Од почетокот на годинава тотално глувите лица за првпат ќе можат да добиваат надоместок за глувост, додаток за мобилност во висина од 7.000 денари ќе можат да добиваат и лицата со квадриплегија, а на самохраните родители кои имаат деца со посебни потреби за 50 проценти ќе им биде зголемена финансиската помош што ја добиваат од државата.

„Сите овие нови права претставуваат дополнителна грижа од страна на Владата на Република Македонија за загрозените категории. Овие лица ќе имаат можност да ги користат новите права од овој месец, бидејќи Законот за социјална заштита беше донесен на 30 декември  минатата година, што значи дека ќе стапи на сила на 7 јануари, а на 8 јануари очекуваме да бидат донесени подзаконските акти и додатоците да можат да се исплаќаат. Додатокот што за самохрани родители кои имаат деца со посебни потреби е овозможен со измени на Законот за заштита на децата кои се во собраниска процедура во последно читање. Очекувам законот да биде изгласан во текот на овој месец и да можат да се остваруваат и овие права“, изјави министерот за труд и социјална политика Диме Спасов кој присуствуваше на денешната средба што претседателите на националните здруженија на лица со инвалидност ја имаа со премиерот Никола Груевски.

Тој појасни дека на средбата биле разгледувани и други барања и потреби кои ги имаат овие лица.

„Ние редовно остваруваме комункација, во тек се повеќе од 15 проекти кои се насочени кон подобрување на положбата на лицата со инвалидност во Република Македонија, а и понатаму како Влада на Република Македонија и Министерството за труд и социјална политика ќе продолжиме со грижата за овие лица“, рече Спасов.

Претседателот на Сојузот на лица со телесен инвалидитет  Бранимир Јовановски истакна дека изминатиот период и минатата година во партнерски однос со Владата и Министерството за труд работеле на започнувањето на реализација на додатокот за мобилност, пред се, како што рече, него да можат да го користат лицата со најтежок телесен инвалидитет, односно лицата со квадриплегија, која е тешка форма на мултиплексклероза.

„Тие лица се практично врзани за кревет, тие со свои раце не можат да туркаат количка. Наидовме на разбирање дека овие лица треба да добиваат определен надоместок кој ќе овозможи нивна социјализација и вклученост во општеството“, рече Јовановски.

Како една од работите по која постигнале согласност со Владата го посочи и враќањето на додатокот за мобилност за лицата кои се сместени во заводи Бања Банско. Се работело и на изградба на инклузивно детско игралиште кое, како што рече, е исклучително битно, бидејќи децата со посебни потреби од најрана возраст ќе можат да бидат заедно со другите дечиња да се дружат и да играат на едно место.

„Со ова сметаме дека ќе се подобри јавната свест кај обичните граѓани и дека во иднина ќе имаме подобро разбирање на лицата со инвалидност во однос на сегашново, односно дека тие не се неспособни и болни, туку дека имаат свои капацитети и оти општеството треба да им пружи шанса“, рече Јовановски. 

Васко Марков, претседател на Националниот сојуз на глуви и претседател на Националниот совет на ивалидски организации на Македонија, рече дека се задоволни од соработката со Владата и од разбирањето што таа го покажува за овие лица.

„Задоволни сме од она што досега го постигнавме во обезбедувањето права за лицата со инвалидност во Република Македонија со оглед на тоа што се поминати две години од потпишувањето на Конвенцијата“, рече Марков.

Додаде дека на денешната средба премиерот Груевски од нив побарал и во иднина до Владата да ги доставуваат сите предлози и барања за подобрување на состојбата на лицата со инвалидност и во соработка и договор да работат на нивна реализација.