Македонската “А“ репрезентација против Латвија ќе одигра пријателски натпревар на 5 март 2014 година. Контролниот натпревар ќе се одигра во Скопје на Националната арена „Филип Втори“. За селекторот на македонската репрезентација, Бошко Ѓуровски натпреварот против селекцијата на Латвија ќе биде одлична можност за проверка на потенцијалот на нашата репрезентација.
„Натпреварот против Латвија ќе биде посебен, дебитирам на селекторската функција и чувството веќе е позитивно. Се надевам дека луѓето ќе дојдат на Националната арена и ќе ни ја дадат поддршката. До мартовската пресметка со Латвија има доволно време, деталите околу изборот на фудбалери ќе ги соопштиме во наредниот период. Мислам дека ќе биде добар натпревар, Латвија e квалитетна селекција, нивното место на ранг листата на ФИФА, сметам дека не соодветствува со нивниот вистинскиот потенцијал. Ова ќе биде добра проверка, одлична можност да се соочам со квалитетот и потенцијалот на фудбалерите кои ќе добијат шанса во селекцијата“, изјави селекторот Бошко Ѓуровски.
Македонија прв пат ќе игра натпревар против Латвија, селекција рангирана на 116 место на ФИФА листата.
„Имаме одлични односи со Фудбалската федерација на Латвија и навистина ни е драго што успеавме да постигнеме договор за контролен натпревар. За прв пат ќе се соочиме со Латвија, натпреварот е можност новиот селектор на нашата селекција да се запознае со репрезентативците и лицата кои го сервисираат и му даваат логистика на националниот тим. Латвија е во четвртиот барабан за извлекувањето на групите за Европското првенство, ние сме шешир подолу, но подобри на ранг листата, тоа дава до знаење дека можеме да очекуваме добар, неизвесен натпревар“, изјави Петар Милошевски, директор на нациоанлната репрезентација на Македонија.