Конкурс за доделување на Плакета за животно дело – „Трајно уништување на рибен фонд од Охридско Езеро“

Здружението на рекреативни риболовци „Свети Апостол Петар“ од Охрид за да ја збогати програмата на Денот на масовно капење на рибарите (Ден на рибарите) на 20-ти јануари ќе додели плакета за животно дело – ТРАЈНО УНИШТУВАЊЕ НА РИБЕН ФОНД ОД ОХРИДСКО ЕЗЕРО- сите заинтересирани заслужни и докажани граѓани, институции, правни лица и Здруженија на граѓани своите кандидатури можат да ги достават по пошта на следнава адреса ЗРРСК „Свети Апостол Петар“ ул. Димитар Влахов бб, или на е-маил srdsvapostolpetar@yahoo.com. Најдоцна до 18- ти јануари. Може да се конкурира  за дела направени од 1991 до сега. Конкурсот опфаќа повеќе области како: уништување на флората и фауната на Охридско Езеро и неговиот слив, уништување на канал Студенчишта (зимовалиште на риба старо со милиони години), зимовалишта во селата Пештани, Радожда, Трпеица, Градско пристаниште, уништување на Студенчишко блато, како и други области од рибарство , екологија и за идни проекти кои ќе допринесат за доуништување на флората и фауната. На избраните кандидати од Комисијата освен Плакета ќе им додели и уметничка слика од охридска пастрмка.

На 12-ти јули ЗРРСК „Св.Апостол Петар“ од Охрид на Денот на рибарите (Свети апостол Петар и Павле – Петровден) ќе додели плакета за животна дело -УНИШТУВАЊЕ НА ФЛОРАТА И ФАУНАТА ВО РЕПУБЛИКА МАКЕДОНИЈА- на Државно ниво. За овој конкурс може да конкурираат сите докажани граѓани, институции, министерства, градоначалници, и домашни и странски бизнисмени. Конкурсот е меѓународен, а ќе се земат сите дела направени од 1991 година до сега како и дела за предвидени проекти за доуништување на флората и фауната во Македонија.

За детални информации заинтересираните кандидати може да се обратат во просториите на Здружението, на е-маил адреса srdsvapostolpetar@yahoo.com  или на телефон од здружението 075/807 809.