Општина: Блажески и ЛДП очигледно дека не можат да го замислат плоштадот и лизгалиштето како проект кој е прифатен од граѓаните

По соопштението на Дејан Блажески, член на Советот во Општина Охрид и претседател на ОО ЛДП – Охрид, со реакција на обвинувањата излезе Општина Охрид во која стои:

„Дејан Блажески и ЛДП очигледно дека не можат да го замислат плоштадот и лизгалиштето како проект кој е прифатен од граѓаните на Охрид. Неможат да прифатат успешен проект, кој наиде на огромно задоволство на граѓаните од Охрид, посебно на младите од градов. Ниту нивниот ментален карактер ќе прифати дека секоја постапка на локалната самоуправа, вклучувајќи го и проектот лизгалиште ги помина сите законски процедури, поими кои во нивниот речник не постојат и немаат никакво значење. Неможат да прифатат дека лизгалиштето е атракција за сите, место кое станува препознатлив дел од градот, во кои се случуваат весели и позитивни настани, се прославуваат бракови, родендени, се склопуваат пријателства, а пред се младите тука практикуваат здрави навики и спорт. И сето тоа на задоволство на локалната самоуправа и на сите граѓани, освен за неколкумина деструктивци кои се исполнети со омраза кон се она што не е нивен личен или партиски интерес. Очигледно, дека сликата за новогодишните и другите празници, кога во Охрид беше евидентиран најголем број на гости во историјата на Охрид, во овој период и нивните позитивните импресии, го вклучија партискиот разурнувачки аларм, свесни дека нешто добро се случува во Охрид.

Веројатно Дејан Блажески, деновиве беше силно искритикуван од својата централа во Скопје, кога од позитивен однос за лизгалиштето, искажан на социјалните мрежи, веднаш влезе во критизерство, убедувајќи се себеси дека има некоја незаконитост во целата ситуација.

Лизгалиштето и новите содржини на градскиот плоштад, го разбудија центарот на градот и чаршијата, донесоа рекорден број на посетеност на туристи и гости во Охрид, што придонесе за зголемување на профитот на сите економски субјекти на тој простор- трговците, дуќанџиите, угостителските и хотелските објекти. Ова се дел од формите со кои се стимулира економскиот развој на градот и се подобрува економската состојба на луѓето, што е основна цел на локалната самоуправа.

За сите работи во животот потребен е искрен, чесен и машки пристап. Доколку недостасува еден од овие принципи, тогаш добивате празна, театрално надмена и деструктивен состојба која е неприфатлива за граѓаните. Одговорот од охриѓани кои ЛДП и нивните партнери го добија на последните локалните избори, веројатно небеше доволна поука за нив, а сигурни сме дека со ваквиот однос истото уште еднаш ќе го повторат и на следното соочување со народот.“ – се вели во реакцијата на Општина Охрид.