Динамизирањето на активностите околу зштитата и ревитализацијата на Студенчишкото блато, беше тема на денешната средба на градоначалникот Никола Бакрачески со претставници од научните институции, државните органи, невладиниот сектор и локалната администрацијата кои работат во областа на заштитата на животната средина и урбанизмот.
На средбата, заеднички беше заклучено дека треба да се динамизира процесот за заштита и ревитализација на преостанатиот дел од Студенчишкото блато , кое е и дел од проектот за прогласување на Охридско- преспанскиот регион за биосферен резерват под заштита на УНЕСКО. Во рамките на проектот, ГИЗ (германската агенција за меѓународна соработка), како што е најавено, веќе има обезбедено и финансиски средства.
По подолгата дебата за овој важен проект беше донесен план со динамика за наредните активности. Пред да се донесе ревизијата на Студијата за заштита на студенчишкото блато и негово ново зонирање, учесниците на состанокот заедно со градоначалникот Бакрачески и неговиот стручен тим ќе го посетат Студенчишкото блато, а Секторот за урбанизам треба да изготви посебна информација за сегашната состојба на просторот, според која ќе се види кој дел од просторот е сочуван и треба да биде строго заштитена зона.