Постигнат договор за Изборниот законик

Владата и парламентарните политички партии постигнаа консензус во врска со измените и дополнувањата на Изборниот законик за што информираше министерот за правда Блерим Беџети.

Учесниците на средбата што се одржа во Клубот на пратениците, претставници на Владата и на политичките партии, изразија задоволство од постигнатиот договор и исто така посочија дека измените ќе бидат донесени со консензус во Собранието на Република Македонија.

Министерот за правда Беџети изјави дека постигнат е договор за сите отворени прашања меѓу владејачкото мнозинство и опозицијата, и дека пред следните парламентарни избори ќе се разгледува само поглавјето што се однесува на дијаспората.

„Имаме усогласеност за сите делови коишто се поминати на Влада како Предлог за измени и дополнувања на Изборниот законик и за Кривичниот законик кои се во собраниска процедура. Можеме слободно да кажеме дека се исполнети сите препораки од ОБСЕ и ОДИХР и што е најбитно силната волја на Владата и на политичките партии дојде до израз и имаме консензуален изборен законик кој е веќе во собраниска постапка“, изјави министерот Беџети.

Тој  имаше куса средба со претставниците на ВМРО-ДПМНЕ, ДУИ, СДСМ, Државната изборна комисија, Никола Тодоров, Цветанка Иванова и Весна Бендевска, Абдилаќим Адеми и претседателот на ДИК, Никола Рилковски.

Никола Тодоров, претставник на ВМРО-ДПМНЕ, изјави задоволство што е постигнат консензус низ еден дијалог за изборното законодавство.

„Ова претставува еден многу позитивен сигнал и многу позитивен факт за нивото на политички дијалог и зрелост на Република Македонија, особено на демократска зрелост и очекувам дека носењето на овој изборен законик со консензус ќе има сериозно позитивни ефекти во спроведувањето на изборите имајќи предвид дека во него се инкорпорирани сите препораки на ОБСЕ и ОДИХР од претходните изборни циклуси. Очекуваме да имаме еден демократски организиран изборен циклус“, изјави Тодоров.

Претставникот на ДУИ, Абдилаќим Адеми, истакна дека изборниот законик е една од главните теми во Македонија не само во однос на прифаќање на препораките на ОБСЕ и на ОДИХР, но и за креирање на амбиент за фер и демократски избори.

„Најбитно е да креираме услови за сите учесници во изборниот процес. Се надевам дека овој текст кој е усогласен и усвоен со консензус од политичките партии ги дава овие очекувања и се надевам дека следните претседателски избори ќе бидат исто така тест за сите политички партии и за сите државни функции и овој текст ќе гарантира фер и демократски избори“, рече Адеми.

Тој смета дека ова треба да служи како пример и за други битни прашања кои се над политичките интереси.

Според Цветанка Иванова од СДСМ, оваа партија ја поздравува постигнатата усогласеност околу изборниот законик. Смета дека клучен тест за практичната реализација на договореното ќе бидат претседателските избори оваа година каде на дело ќе се покаже дали власта навистина сака да организира слободни, фер и демократски избори.

Претседателот на ДИК Никола Рилковски исто така изрази задоволство од постигнатиот договор и рече дека ДИК е подготвена за претстојните претседателски избори со тоа што највисокото изборно тело во државата ги чека финалните измени на Изборниот законик за по него да се направат и последните подготовки за успешно да се спроведат претстојните претседателски избори.

Според постигнатиот договор, во предизборниот период предвидено е одделување на државата од партијата, забрането е отпочнување со градби, ставање камен-темелници, пуштање во употреба на објекти изградени со буџетски средства. За непочитување на оваа одлука предвидена е затворска казна од шест месеци до една година.

Забрането е да се врши исплаќање субвенции, плати, пензии, социјални помошти и други материјални надоместоци од буџетски средства кои не се редовни месечни примања, како и исплаќање на годишни трансфери од Буџетот. За секој носител на јавна функција којшто ќе исплати субвенции, плати, пензии, социјална помош и други материјални надоместоци од буџетски средства ќе се соочи со казна затвор од три до пет години.

Обврска на министерот за финансии е да ги објавува сите финансиски исплати во изборен период и обврска да достави изборен финансиски извештај во преглед на сите планирани и реализирани приходи и расходи во Буџетот. За непочитување на оваа одлука, според договореното, е предвидена казна затвор од шест месеци до една година.

Исто така, договорено е МВР да врши ажурирање на избирачките списоци четири пати во годината и да се направи посебен извод на лица кои на денот на изборите се во странство, како и тоа партиите да можат да бараат корекција на избирачкиот список.

Донациите се ограничени на 50.000 евра, вклучително и за медиумите, радиодифузерите да обезбедат избалансирано медиумско претставување, а известувањето за редовните активности на државните органи или општините во изборниот процес не смее да биде во корист на ниту еден политички субјект.

Измените и дополнувањата на Изборниот законик предвидуваат новинари, уредници, презентери да не смеат да учествуваат во предизборните активности на политичките партии.

Исто така предвидена е забрана за платено политичко рекламирање од денот на распишување на изборите до почеток на изборната кампања. Исто така, од тој датум ќе има забрана за објавување на реклами финансирани од Буџетот. Рекламирањето ќе биде ограничено на 12 минути во текот на изборната кампања и јавно ќе биде утврден ценовникот.

МРТ за време на изборната кампања треба да обезбеди рамноправен пристап во информативната програма, што значи една третина за настани од земјата, една третина за настани од владата и една третина за настани на опозицијата. За непочитување на оваа законска одредба следува разрешување на директорот.

Дополнително Собранискиот канал ќе обезбеди бесплатно рекламирање по три часа и за опозицијата и за владејачките партии.

Во разговорите за измените и дополнувањата на Изборниот законик не учествуваа претставници на ДПА и, според најавите, се очекува тие да не гласаат за овие измени.