Селекторот на А репрезентацијата на Македонија, Бошко Ѓуровски и координаторот на младинските национални селекции, Зоран Стратев во петок во Велес ќе започнат со реализација на едукативениот семинар за тренери кои ќе имаат прилика за учење и стручна анализа. Едукативниот семинар ќе се реализира низ сите фудбалските региони во државата. Селекторот на нашата најдобра репрезентација, Бошко Ѓуровски ќе претстави програма за работа на екипите во фаза на подготовки, а главниот фокус во практичниот дел од семинарот ќе биде претставување на дефанзивна и офанзивна фаза во систем 4-2-3-1.
„Сите ние кои сме дел од Фудбалската федерација на Македонија имаме одговорност и обврска активно да се вклучиме во програмите на федерацијата кои придонесуваат за развој на македонскиот фудбал. Едукацијата на тренерите е едно од важните прашања за ФФМ, верувам дека и тренерите на вистински начин ќе го прифатат нашиот концепт, посебно националната програма за развој на младинскиот фудбал која претставува нова филозофија во создавањето на играчи и овозможува долгогодишен опстанок и развој на македонскиот фудбал. Квалитетот на создавање на играчи претставува многу комплексен концепт и во теорија и во пракса, а стручните лица кои можат да помогнат во развој на фудбалот, Македонија мора да ги створи сама. Ние сме тука активно да се вклучиме во процесот и се надевам на позитивни промени. Низ фудбалските региони ќе одржиме предавања, ќе се запознаеме со условите во кои работат тренерите, ќе ги слушнеме нивните искуства и ќе ја претставиме нашата програма“, изјави селекторот на репрезентацијата на Македонија, Бошко Ѓуровски.
Координаторот на младинските национални селекции, Зоран Стратев ќе ја претстави националната стратегија на ФФМ за развој на младинскиот фудбал и новите правила со цел поефикасна реализација на проектот на федерацијата.
„Во сите развиени фудбалски земји, тренерите го сфаќаат значењето на промените кои се случуваат во модерниот фудбал и создаваат услови нивните екипи да станат подобри во однос на конкуренцијата. За нас е многу важно да создадеме услови за напредок на играчите, клубовите и репрезентацијата. Националната стратегија за развој на младинскиот фудбал е многу значаен проект и се надевам дека сите кои се вклучени и работат во насока развој на македонскиот фудбал на вистински начин ќе ја сфатат потребата од суштински промени, а се однесуваат на создавање квалитет и база за нашата фудбалска иднина“, изјави Зоран Стратев, координатор на младинските селекции.