Општина: Манипулациите во образовниот систем – една од најважните алатки со кои СДСМ два мандати во Охрид спроведуваше своја политика

Во врска со соопштението на СДСМ, со реакција излезе Општина Охрид во која стои:

„Манипулациите во образовниот систем во Охрид, беше една од најважните алатки со кои СДСМ два мандати во Охрид спроведуваше своја политика, онаму каде што е потребно едукација и воспитување на учениците. Состојбата во која го оставија образовниот систем во Охрид на финансиски и материјален план како и непочитувањето на законските процедури, во најмала мера може да се оцени како тешка образовна девастација и проблеми со кои секојдневно се соочуваат новите раководства во образовните институции од општината. Непочитување на законот и препораките на Министерството за образование, блокирани сметки на училишта и огромни долгови, беше првата состојба со која се соочи Градоначалникот Бакрачески и новата локална власт  при превземањето на мандатот.

Проблемот  со  недостиг  од  одделенски  наставник во ОУ „Григор Прличев“   Охрид, заради што сега се наметнува потребата од формирање комбинирана паралелка во ПУ Рача,  е  настанат  во  учебната  2012/2013 година. Тогаш, пред почетокот на учебната година, без законска основа формирана е една  паралелка повеќе, во однос на бројот на ученици и  во однос на вкупно вработени одделенски наставници  во ОУ „Григор Прличев“.          

Бројот на запишани ученици  е основен критериум за формирање на паралелки, а законски дозволен број на ученици во една паралелка е од  24-34 ученици . Паралелка со помалку  од 24 ученици  се формира со согласност од основачот (Совет на општина Охрид) и тоа само во случај  кога има веќе вработен наставен кадар, за  истите да не се прогласат за технолошки вишок. Во случај кога има поголем број на ученици  во една паралелка од законски дозволениот, истата се дели на две и се бара  согласност од Министерството за образование и наука за вработување нов наставен кадар по основ новофинансирање. 

Во ОУ„Григор Прличев“  иако немало доволен број ученици  за формирање нова паралелка, истата е формирана и бил вработен нов одделенски наставник, без притоа да се добие  согласност за новофинансирање  од Министерството за образование и наука.  Ова лице остана ангажирано со договор на дело, што е незаконски, до крај на учебната година со што се доведе во прашање легитимитетот на наставниот процес во тоа училиште.

Во оваа учебна година  се провлекува  истиот проблем, но локалната самоуправа прави напори истиот  да се реши на законски начин. Часовите на паралелката беа покриени со ангажирање одделенски наставник со согласност дадена  од надлежен орган (што е законски), на место од  заменик директор.

За второ полугодие, се прават максимални напори, да се  превземе одделенски наставник од друго училиште и истиот да се  ангажира во ОУ „Григор Прличев“- ПУ Рача, со што ќе се избегне формирање комбинирана паралелка. Но, што е најбитно, ќе се задоволат законските норми за изведување на настава во ова подрачно училиште и ќе се одговори на потребите на учениците и родителите од Рача.

Наместо да се засрамат од сите незаконски и матни состојби кои осум години ги спроведуваа во Охрид во сите пори на општествено живеење, денес истите тие структури се дрзнуваат да ја обвинуваат локалната самоуправа. Манипулациите се препознатлив белег на оваа политичка групација, но за нивна жал веќе се прочитани од граѓаните на општина Охрид.“ – стои во реакцијата од Општина Охрид.