Законските решенија за стечајците и професионалните војници со кои се решава проблемот на околу 7.000 лица поминаа на владина седница. Предлозите се испратени на усвојување во Собранието и се очекува во многу краток рок да бидат донесени.
– Како што ветивме, Владата на вчерашната седница ги усвои измените кои се однесуваат на законите за материјално обезбедување на лицата кои останале невработени како резултат на приватизацијата на државните компании и законските измени на Законот за служба во АРМ, изјави владиниот портпарол Александар Ѓорѓиев.
Како што појасни, со законското решение за стечајците се подигнува границата од постоечкиот закон од 2004 година на 31 декември 2013 година, кој е новиот рок во кој сите оние лица кои останале невработени како резултат на приватизација на компанија кои биле во државна или доминантна државна сопственост сега ќе може да бидат материјално обезбедени со добивање на околу 7.100 денари месечен надомест.
Граѓаните кои ги исполнуваат условите во законот ќе може да ги поднесуваат барањата во рок од триесетина дена откако ќе се донесе законот. Барањата ќе се поднесуваат до Агенцијата за вработување на Република Македонија.
Во однос на законското решение за професионалните војници, Ѓорѓиев посочи дека Владата, како што вети, предвиде сите војници по навршување на 45 години старост ќе бидат преземени во други државни органи.
Информира дека се направени уште две квалитативни подобрувања во однос на она што беше најавено, што, како што рече, значат полна сигурност на професионалните војници дека ова нивно право ќе биде овозможено.
Ѓорѓиев посочи дека е предвидено шест месеци пред војникот да наполни 45 години задолжително министерот за одбрана да ги преземе сите активности за да може професионалниот војник веднаш кога ќе наполни 45 години да биде прераспределен во друга служба, односно да нема ниту еден ден застој во неговиот работен однос. – Сите постапки ќе бидат преземени во текот на тие шест месеци пред да наполни 45 години и во моментот на неговиот роденден професионалниотвојник директно од следниот ден тргнува на работа во друга служба во која ќе биде преземен врз основа на законот, рече Ѓорѓиев.
Второто подобрување, додаде, се однесува на тоа дека министерот задолжително во тековната година ќе подготвува план за преземеање, за прераспределување на војниците за следната година. Доколку не го донесе тој план предвидени се санкции.
– Ова значи дека овој закон ќе ја има својата полна правна сила и нема да зависи од политичките гарнитури кои се на власт, туку ќе остане како трајно право за професионалните војници во Република Македонија, истакна владиниот портпарол.
Владините предлози се испратени до Собранието на Република Македонија и се очекува во најбрз можен рок да бидат донесени и да може граѓаните на кои се однесуваат да ги остваруваат своите права.