Специјалните единици при Царинска управа, на граничен премин Табановце спречија обид за нелегално внесување на 40 илјади евра.
На 6-ти февруари 2014 година, на граничниот премин Табановце, околу 3 часот попладне, за влез во Република Македонија се пријави автобус со македонски регистарски ознаки, сопственост на македонска фирма – превозник, што сообраќал на линија Брисел-Скопје. При царинска контрола на автобусот и патниците, кај еден од патниците, белгиски државјанин со иницијали Ф. А., специјалните единици од Одделението за оперативни работи пронајдоа 50 илјади евра. Непријавените девизи лицето ги сокрило во торбичка која ја носел на себе и во внатрешните џебови од палтото.
Со ова, согласно Законот за девизно работење (што предвидува дека нерезиденти можат слободно да внесат девизни средства и чекови во висина од 10 илјади евра, а секој износ над овој треба да се пријави) сторен е девизен прекршок. Согласно Законот, на белгискиот државјанин вратени му се 10 илјади евра, додека останатите 40 илјади евра привремено се задржани.