Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов во рамки на престојот на Москва, денеска го посети рускиот државниот универзитет „Ломоносов”, каде на свечена церемонија му беше доделена титулата „Почесен професор”.
На реномираниот руски универзитет, претседателот Иванов пред професорите и студентите на универзитетот одржа предавање.
Како Почесен професор, претседателот Иванов пред професорите и студентите на „Ломоносов”одржа предавање за историските, духовни и културни врски меѓу двете земји и народа, со научни повикувања на поголем број автори кои ја обработувале оваа тематика.
Македонскиот претседател говореше за книгата „Кралството на Словените” од Мауро Орбини, објавена 1601 година во Италија, во кое вниманието му го привлекол авторот Еремије Русо цитиран во делото, за кого Орбини тврди дека во „Летописите на Московија” од 1227 година напишал дека: „Русите односно Московјаните имале еден ист јазик како древните Македонци”. Еремије тврди дека древните Македонци зборувале словенски јазик.
Тој посочи дека Орбини цитира бројни антички и средновековни автори кои ја покажуваат посебноста на македонскиот јазик во однос на грчкиот.
„Ако постои едно место на земјата кое најјасно ја одразува длабоката духовна, културна и јазична поврзаност меѓу Македонија и Русија, потенцира претседателот Иванов, тоа е Охрид, балканскиот и словенскиот Ерусалим. Видни учени, подвлече во предавањето, како Приселков, Кох, Спарненски, Попруженко, Заикин, Карташев… сметаат дека Руската црква, од нејзиното основање па се до 1037 година била под јурисдикција на Охридската црква. Инаку, и првиот премиер на Советскиот сојуз по смртта на Сталин, Георги Маленков, не криел дека е по потекло Македонец, чие семејство дошло во Русија од Охрид“, – рече претседателот Иванов.
Современиот македонски јазик, како официјален јазик на Република Македонија, истакна претседателот Иванов, е признат од речиси сите земји.
„Бугарија го третира како дијалект на бугарскиот. Грција пак, тврди дека македонскиот јазик воопшто не постои, иако досега барем трипати го има официјално признато, рече Иванов повикувајќи се на веќе објавени трудови по ова прашање, во кои стои дека во 1920 грчката Влада во официјални пописни документи има графа за македонски јазик, во 1925 година, кога го издава букварот АБЕЦЕДАР наменет за македонското малцинство во Грција и третпат со резолуцијата на Третата конференција на ОН за стандардизација на географските имиња одржана во 1977 година во Атина“, истакна македонскиот претседател.
Поттикнат од предавањето за историјата на Словените во кое биле презентирани и ставовите на Михаил Васиљевич Ломоносов за тоа прашање, за време на неговиот втор престој на „Ломоносов“, претседателот Иванов, како што рече, ги продлабочил неговите сознанија за кажаното, користејќи дел од посочените автори и нивните дела, споменати во тоа предавање. Поголем дел од тие сознанија, посочи, се преточени во учебници кои ги пишувал за студентите на политичките студии на Правниот факултет на УКИМ. Ломоносов, рече претседател Иванов, се спротивставил на напорите на Герхард Фридрих Милер да го намали значењето на древната словенска историја. „Зарем нема да биде осудена славата на рускиот народ ако неговото потекло и име се постават малку доцна и им се одрече древноста, во која другите народи за себе бараат чест и слава“, напишал Ломоносов.
„Токму овие зборови не потсетуваат на искуството што го има речиси секој Македонец, Чувството да се биде предмет на негирање и на присвојување на историјата, јазикот, културата, традицијата. Македонија за жал, се уште се соочува со она што и се случувало на Русија за време на големиот Ломоносов“, потенцира претседателот Иванов.
Во основата на цврстите билатерални односи, додаде претседателот Иванов, лежат висок степен на политички дијалог на сите нивоа и заедничките економски интереси.
„Тука е и принципиелната позиција на Руската Федерација во однос на употребата на уставното име на Република Македонија, но и долгата историска, духовна и културна традиција меѓу нашите народи, што одново ја откриваме на овие две изминати децении“, истакна македонскиот претседател.
Во рамки на церемонијата, претседателот Иванов ги одликува г. Евгениј Суханов, шеф на катедрата за граѓанско право при московскиот државен универзитет „Ломоносов”, со Орден за заслуги и г-ѓа Елена Верижникова, водечки специјалист по македонски јазик во Русија, со Медал за заслуги, за нивниот придонес за унапредувањето на македонско-руски односи.
Професорката Верижникова, по добивањето на медалот, нагласи дека од 80-те години нејзиниот живот е посветен на македонскиот јазик, додавајќи дека единствено на Московскиот Универзитет од 1975 година се изучува македонскиот јазик како основна насока.
Суханов изразувајќи благодарност, меѓу другото, истакна дека Правиот факултет на УКИМ во Скопје го носи името Јустинијан Први и тоа, нагласи, не е случајно. Јустинијан Први, рече, се родил во близина на Скопје, а тој е патрон на сите правници.
На московскиот „Ломоносов” во моментот се образуваат 40.000 студенти, најбројни се на катедрите за математика и физика, а четворица се на македонистика.