Македонија У19 поразена во Поградец

Македонската репрезентација до 19 години е поразена со 3:0 од Албанија во контролен натпревар одигран во Поградец. Нашата селекција во двата пријателски натпревари против Албанија не е во најдобриот состав, селекторот Марио Вујовиќ  им  даде шанса на неколкумина нови фудбалери, сметајќи дека можат да конкурираат во квалификациските натпревари за Европското првенство.

Албанија водеше со 2:0 на полувреме, примивме погодоци во втората и 37 минута, конечните 3:0 беа поставени во 87 минута.

Македонија играше во состав: Ѓурѓев, Ристевски, Симовски, Николовски, Терзиев, Добриќ, Зибери, Крстиќ, Демир, Костадинов, Крезиќ. Шанса за настап добија и Далипи, Јакимовски, Зајков, Кривањева, Ангов, Аломеровиќ и Митков.

„Резултатот на овие натпревари не е наша главна цел, имаме намера да испробаме што поголем број на играчи со цел да составиме квалитетна селекција која ќе биде конкурентна во квалификациските натпревари. Ниту една репрезентација не посакува пораз, ние не одигравме на начинот на кој посакувавме, рано примивме погодок, потоа не искористивме две добри шанси за израмнување и пред крајот на полувремето Албанија го удвои водството. Во вториот дел им дадовме шанса на сите играчи, корегиравме дел од грешките, но не реализиравме. На вториот натпревар во Струга мораме да го смениме пристапот, да бидеме многу поодговорни и да се обидеме да победиме“, изјави селекторот Марио Вујовиќ.

Македонија и Албанија ќе одиграат втор контролен натпревар во Струга на стадионот на Караорман в четврток, 13-ти февруари во 14:00 часот.