СДСМ: Се врши експропријација на земјиштето околу Охридскиот аеродром

Ова е Имотниот лист бр.184 од катастарската општина Оровник, каде што како сопственик на регистрираните парцели фигурира државата – Република Македонија. Во него се регистрирани парцели што во 2009 година се експроприрани од страна на државата, односно откупени се од сопствениците на нивите, за потребите на аеродромот. Вака на денешната прес-конференција обвини портпаролот на ОО на СДСМ Охрид, Александар Кузески.

„Тоа е направено во периодот непосредно пред потпишувањето на договорот за концесија помеѓу Владата и концесионерот на македонските аеродроми. Притоа, државата зеде обврска дека на источната страна од аеродромскиот комплекс во Охрид, непосредно пред пристанишната зграда и контролната кула, ќе го експроприра земјиштето од приватните сопственици, за да му го предаде на користење на концесионерот за изградба на нов паркинг простор за моторни возила. Се работеше за десеттина парцели на северната страна од пристапниот пат кон аеродромот, каде што се изгради новиот паркинг. На скицава, тоа е овој простор овде, означен со портокалова боја“. – истакна Кузески.

Но, како што објасни Кузески, на имотниот лист, покрај наведените парцели, фигурирале и 5 парцели, со вкупна површина од околу 10 илјади метри квадратни, кои немале никаква врска со споменатиот простор.

„Тоа се парцели што се наоѓаат на спротивната, јужната, страна од аеродромскиот комплекс, кон крајот на пистата, во непосредна близина на брегот на езерото. Овие 5 парцели се на оддалеченост поголема од 1 километар од парцелите што требаше да бидат експроприрани. Некои од нив се наоѓаат на поголемо растојание од 200 метри од периметарската ограда на аеродромскиот комплекс, што значи дека немале никакво значење за процесот на експропријација. Сепак, поради лични и партиски интереси, сосема непотребно е извршена експропријација и на овие 5 парцели, на скицата обележани со жолта боја, и на сопствениците им се исплатени по цена од 1000 денари од метар квадратен. Значи, за земјиште со никаква пазарна вредност, кое немало никаква врска со процесот на експропријација со оглед на неговата местоположба, надлежните институции од ДПМНЕ на сопствениците на овие 5 парцели, само поради нивната блискост и поврзаност со нив, им ја купиле земјата во вкупна вредност од околу 10 милиони денари“. – обвини Кузески.

Кузески објасни дека за една фиктивна и сосема непотребна експропријација, за земјиште кое немала никаква пазарна вредност, државата исплатила 10 милиони денари народни пари, само за како што кажа да задоволи одредени лични и ситно-партиски интереси.

„На тој начин, со селективна примена на законските прописи, сите останати сопственици на парцелите во околината се ставени во нерамноправна и подредена положба. Со ова, само уште еднаш се потврдува принципот на владеење на ДПМНЕ – надлежните институции се грижат само и исклучиво за интересите на одреден број привилегирани партиски војници, роднини и пријатели, не водејќи никаква сметка за останатите граѓани, иако сите, барем формално, сме еднакви пред законите на оваа држава“. – додаде Кузески.

AleksandarKuzeski01

WebOhrid