ВМРО-НП: Продолжуваат притисоците и малтретирањата врз граѓаните на Охрид

ВМРО-НП испрати соопштение до медиумите во кое обвинуваат дека ВМРО-ДПМНЕ продолжува со притисоците и малтретирањата врз граѓаните на Охрид.

„Движењето ДПМНЕ продолжува со притисоците и малтретирањата врз граѓаните на Охрид. Ова движење ќе биде запаметено во историјата на Република Македонија како најнедемократска и најдиктаторска партија.

Имено, деновиве, чувствувајќи го стравот од падот на рејтингот, од вработените во државните институции се бара на список, со име презиме и матичен број, да донесат по тројца нови членови и гласачи на машинеријата на ДПМНЕ. Во спротивно, директорите, раководителите и одговорните лица им се закануваат со казни, преместувања и отказни решенија.

Исто така, пред неколку денови во општинскиот штаб на ДПМНЕ биле повикани вработените во образовните институции кои сеуште немаат решенија на неопределено работно време. Доколку сакаат да го продолжат работниот однос, тие мораат да донесат список со дваесет нови гласачи и “поддржувачи“ на режимот.

Не можеме, а да не го спомнеме изживувањето на Димитар Спасески врз вработените во Локалната самоуправа. Тие секојдневно добиваат казни, нови решенија, наредби, преместувања и закани со цел да станат послушници на режимот. И сето тоа е со “амин“ на градоначалникот Бакрачески.

Апелираме да престанат притисоците и заканите врз граѓаните на Охрид. Знаеме дека ова движење ја донесе најголемата диктатура во Република Македонија, но откако ја превзедоа и локалната власт во Охрид, преминати се сите граници. Граѓаните не смеат да бидат цел на заплашување, за тие власта да ја имаат по секоја цена. Ве уверуваме дека за овие притисоци набрзо ќе ги запознаеме и сите странски претставништва во државата.“ – стои во соопштението од ВМРО- НП Охрид.