Македонската футсал репрезентација на пријателски двомеч со Србија

Македонската А футсал репрезентација ќе одигра два контролни натпревари против Србија на гостински терен во Белград на 22 февруари со почеток во 18:00 часот и во Стара Пазова на 23 февруари во 14:00 часот. Селекторот на нашата најдобра футсал репрезентација, Васко Скендеровски прати повик до 14 играчи за настап против силниот противник. Собирот на репрезентативците е закажан за 20 февруари. На списокот на селекторот Скендеровски се следните фудбалери:

ГОЛМАНИ: Мирослав Тодоровски (КМФ Железарец), Илчо Удовалиев (КМФ Железарец)

ОДБРАНА: Зоран Левески (КМФ Железарец), Александар Глигоров (КМФ Железарец), Ненад Петровски (КМФ Скопје 2011), Ферид Агуши (КМФ Железарец), Драган Петровиќ (КМФ Скопје 2011), Иван Крстевски (КМФ Железарец), Алиљ Османи (КМФ Ројал Илирет)

НАПАД: Оливер Јовановски (КМФ Железарец), Мартин Тодоровски (КМФ Железарец), Исмет Цека (КМФ Сее Универзитет), Џо Aрсовски (КМФ Железарец), Видан Станоев (КМФ Црна Река).

„Го продолжуваме континуитетот на одигрување натпревари со селекции кои се во топ 10 на ранг листата на УЕФА. Само со силни контролни пресметки можеме да ја подигнеме формата и да влеземе максимално подготвени во натпреварите од квалификацискиот циклус за пласман на Европското првенство. Дуелите против Србија секогаш се вистински предизвик за нашата репрезентација. Србија е редовен учесник на континенталните собири, но и домаќин на следното Европско првенство во 2016 година. Нивните намери се во подготвителната фаза да создадат репрезентација која ќе има за цел да влезе меѓу четирите најдобри екипи во Европа. Неколкупати тоа го потенцираше и селекторот на Србија, Ковачевиќ. Се работи за исклучително силен противник, во блиското минато меѓусебно одигравме неколку натпревари, победивме на последните два, во Велес (6:2) и во Скопје (3:2) и веројатно ќе барaат одмазда за поразите од пред две години. Ние во составот повикавме играчи кои настапуваат само во нашето првенство, без интернационалците Ранготов и Мицевски, а не можеме да сметаме ниту на помладите играчи кои се во составот на репрезентацијата до 21 година за натпреварите во Велес против Романија, а кои реално заслужуваат повик. Патуваме во комбиниран состав, но тоа е шанса за докажување на неколку талентирани играчи кои досега немале вистинска минутажа во најдобрата селекција. Се надевам на добра игра“, – изјави селекторот на А футсал репрезентацијата, Васко Скендеровски.