Пановски во Тирана: Статусот на водите, пред се во Охридското Езеро, ќе ја одреди иднината на градот и регионот

Во Тирана вчера и денес се одржува работна средба како дел од проектот на Германското друштво за соработка за Заштита на биодиверзитетот на езерата во Дримскиот басен: Охридското, Преспанското и Скадарското. Претставници на Хидробиолошкиот  завод и на Министерствата за животна средина од Македонија Албанија и Црна гора ги презентираа последните наоди од заедничките анализи на флората и фауната во Езерото и донесената новата легислатива која се ускладува со Рамковната директива за води на Европската Унија.

Од страна на Билатералниот секретаријат за Охридското езеро се истакнаа предизвиците кои претстојат за одржување на статусот на водите на езерото како што се ситуацијата со притоките пред се Сатеска, Грашница, состојбата со колекторскиот систем околу езерото и статусот на водните живеалишта.

„Признале или не, ние сме директно врзани со состојбата на Езерото. Статусот на водите, пред се во Охридското Езеро, ќе ја одреди иднината на градот и регионот. Ако ја сочуваме состојбата барем на сегашно ниво, и градот и регионот ќе може да планира иднина и развој. Доколку се наруши статусот на водите, ќе опадне и интересот за Охрид, ќе заврши убавата приказна што дополнително негативно ќе влијае и врз економската состојба и врз емигрирањето од градот и регионот“. – истакна Дејан Пановски, македонски претставник од Билатералниот Секретаријат за сливот на Охридско Езеро.

Финалниот извештај од проектот ќе ја дефинира состојбата и статусот на водите и биодиверзитетот, ќе ја направи иницијалната категоризација на езерата и ќе укаже на потребата од донесување на одлуки за иднината на регионот.

TiranaProektGIZ02