Македонија против Шпанија, Украина, Словачка, Белорусија и Луксембург во квалификациите за ЕП 2016

Македонската А репрезентација ќе игра во групата Ц со селекциите на Шпанија, Украина, Словачка, Белорусија и Луксембург во квалификациите за ЕП 2016 во Франција.

„И пред извлекувањето реков дека немам посебни желби околу можните противници во квалификациите за Европското првенство. Добивме репрезентации против кои можеме да се надигруваме, но отсекогаш сум велел дека најважни сме ние и нашиот пристап кон противникот и играта. На прв поглед групата е позитивна, можеме да се надеваме на позитивни работи, но не треба да создаваме било каква еуфорија или слика дека можеме до големи работи. Секако дека сме оптимисти, но рано е за било какви прогнози и претпоставки. Ќе се обидеме да создадеме тим од кој ќе има одговорност и обврска да го даде најдоброто од себе на секој натпревар, на тој начин би ја добиле поддршката и од целата јавност, а тоа може да не води до позитивни резултати. Многу важен е распоредот на натпреварите, тоа ќе го дознаеме подоцна. Гледаме позитивно“. – изјави селекторот на македонската А репрезентација, Бошко Ѓуровски.

„Иако во модерниот фудбал препотенцијата може скапо да се плати, јасно е дека во нашата група, Шпанија е апсолутен фаворит и тоа јасно го препознаваат сите противници. Добивме група која носи надеж за сите. Денеска сите играат фудбал и се борат за резултат, вклучително и репрезентациите од последниот барабан кои се сметаат за аутсајдери. Минатото не учи дека не смееме да имаме таков пристап ниту кон Луксембург. Важно е да создадеме добар тим,  да бидеме позитивни и сите да им дадеме поддршка на фудбалерите на кои смета селекторот. Можеме да се надигруваме, ФФМ ќе им ја даде целосната поддршка на селекторот и неговиот тим со цел да оствариме добри резултати“. – изјави претседателот на Фудбалската федерација на Македонија, Илчо Ѓорѓиоски.