ВМРО-НП: Предлагаме државата да го преземе управувањето со колекторскиот систем

ВМРО-НП Охрид на денешната прес-конференција предложи државата да го преземе под своја управа колекторскиот систем за заштита на Охридското Езеро, со кое сега раководи МЈП „Проаква“.

„Општо познато е дека државата го владее езерото, таа собира средства од концесии и ЕЛЕМ, а товарот за заштита на езерото паѓа на Проаква. На овој начин ќе се заштедат од 150 000 до 200 000 евра на годишно ниво. Предлагаме државата да го преземе и плати долгот настанат уште во 1997 година за градба на колекторот од Пештани до Коњско, а кој изнесува околу 9 милиони евра. Со тоа речиси за третина ќе се намали вкупниот долг на градот, а ќе се спаси градот и од каматите кои секој ден течат. Државата се фали со буџет од околу 2 милијарди и 800 милиони евра, па тогаш не е голем трошок да издвојат 9 милиони за да се помогне на Охрид. Доколку државата сепак не сака да даде 9 милиони евра за долгот на Охрид кон Гранит, може да се раздолжи со тоа што ќе му даде во замена државно неизградено земјиште или ќе го ослободи Гранит од комуналии, па на тој начин ќе го раздолжи Охрид без да даде ”живи пари”. – истакна претседателот на ВМРО-НП Охрид, Ванчо Костоски.

Костоски ги повикува претседателот на ВМРО-ДПМНЕ ОК Охрид, Атанаско Михаилов и градоначалникот Никола Бакрачески да го дадат овој предлог до властите во Скопје.

„Ако тие не го дадат овој предлог во Скопје, тогаш ние во гарнатираме дека по извесните предвремени Парламентарни избори, пратениците од ВМРО-НП на првата наредна седница ќе го дадар овој предлог во собранието.“ – додаде Костоски.