Се санира свлечиштето кај пристаништето во Свети Наум

Во тек е акцијата за санирање на јужниот пристапен дел од пристаништето во Свети Наум.

Свлечиштето што се појави во изминатиот период го санираат Капетанијата на пристаништа на Република Македонија со седиште во Охрид и јавното претпријатие „Нискоградба“.

„Се појави свечиште на земјата под самите бехатон плочки поставени таму. Забот на времето си го направи своето, па мораше да се интервенира. Јавното претпријатие „Нискоградба“ ја обезбеди работната сила стручно оспособена за вршење на вакви работи, а Министерството за транспорт и врски ги обезбеди материјалите, Експресно и со минимални средства се очекува овој зафат да заврши до крајот на седмицава“, изјави првиот капетан во Капетанијата Горан Устијаноски.

Како што додаде тој, во активностите за санирање биле вклучени и мештаните кои живеат во околината.

„Добивавме помош од луѓето од Трпејца и Љубаништа зашто никој не е рамнодушен кон овој духовен и туристички комплекс“, рече Устијаноски.

Доколку не се санирало свлечиштето постоела опасност, да бидат повредени луѓето кои го користат тој дел, бидејќи како што појасни Устијаноски, под стегнатите бехатон плочки постоеле огромни дупки.

Врз пристаништето во Свети Наум, последен пат беше извршена санација во 2006 година.

Извор: Супер радио