ГИЗ ги сумираше досегашните резултати од проектот за заштита на биодиверзитетот на езерата во Дримскиот Басен

Денес во Охрид престојуваше мисијата на Германското Друштво за меѓународана соработка (ГИЗ) која во разговор со Дејан Пановски од Билатерелниот Секретаријат за сливот за Охридско Езеро ги сумираше досегашните резултати од Проектот за заштита на биодиверзитетот на езерата во Дримскиот Басен, а се разговараше и за идните активности и нови можни проекти од еколошката сфера во сливот на Охридското и Преспанското Езеро.

„Потребен е заеднички квалитетен мониторинг на водите и биодиверзитетот, како и категоризација на трите Езера која со овој проект веќе е извршена. Во Охридското Езеро според извршената категоризација, статусот на водата е генерално солиден со сеуште проблематични места во вливот на водотеците. Во меѓувреме преговараме да донесеме  нови проекти и нова поддршка од страна на ГИЗ за заштита на Езерата и тие преговори ќе ги финишираме во понеделник во Тирана.“– истакна Дејан Пановски од Билатерелниот Секретаријат за сливот за Охридско Езеро.

ГИЗ е редовен поддржувач на процесите за заштита на сливот на Езерата и поддржувач на проектот за заштита на блатните површини и нивна туристичка промоција.Околу проблематиката на заштита на Студенчишкото блато, ставот е следен. 

„Почетокот на инфраструктурен дел од проектот за Блатото зависи исклучиво од Одлуката за границите на опфатот кој ќе се стави под режим на заштита. Задоволство е што сензибилизацијата доведува до носење Одлука и заштита. Нема отстапување и затоа и во наредната фаза на поддршката од ГИЗ  ја планираме заштитата на тие површини кои дури и ќе бараме да ги прошириме со заштита на појасите со трска.“– рече Пановски.

Мисијата на ГИЗ во денешните разговори се среќава и со преставници на Хидробиолошкиот Завод, на Еколошкото Друштво Грашница и на концесионерот на рибниот фонд на езерото.

Во понеделник во Германската амбасада во Тирана претставникот во Билатералниот Секретаријат, Дејан Пановски, ќе учествува на планирачката работилница на ГИЗ за нови тнр. follow -up проекти за заштита на езерските Басени.

GIZ_Ohrid_01 GIZ_Ohrid_02 GIZ_Ohrid_03