СДСМ: Финансиската состојба на образовните установи зависи од централната власт

Како што ветивме, така и продолжуваме, со потсетување за ветеното, а неостварено од страна на градските власти на ДПМНЕ, рече на денешната прес конференција раководителот на Центарот за комуникации на СДСМ Охрид, Христина Гогоска.

„СДСМ продолжува со осврнување кон суштинските и битните проблеми кои ги засегаат охриѓани, а не со детски и бесмислени коментари, од типот – кој од каде доаѓа и во кој период каде бил. Па, господа од ДПМНЕ, се’ додека се занимавате со небитни работи, се дотогаш ќе трпи вашата обврска да се оправдате пред овој народ со сработени дела – ветени, а ни половина реализирани. Затоа ние континуаирано ќе ви ја претставуваме реалната слика на градот и проблемите со кои се соочуваат охриѓани, преку анализа на отчетот и презентација на нереализираните проекти. Во програмата за Детска заштита, како предвидени ставки што не беа реализирани во 2013 год. и беа целосно повлечени, за истите повторно да бидат внесени  во програмата за 2014 год., се следните: 

 – доградба на Централната детска градинка и промена на електрична инсталација;

– доградба на санитарни чворови и промена на електрична инсталација во објектот Билјана;

– санација на санитарни чворови (промена на плочки), промена на електрична инсталација, лакирање и стружење на паркет во објектот Лихнида;

– промена на електрична инсталација во објектот Развигорче;

– во ставката Замена на надворешната столарија со нова во објектот Билјана, износот 300.000 ден. е заменет со износот 150.000 ден.

Помпезно најавуваниот проект пред локалните избори – Работење на детската градинка во две смени – како да исчезна, како да го снема, но ние не го заборавивме, иако остана целосно нереализиран и надвор од развојната програма.

* Во делот за Култура, целосно избришани ставки во декември се следниве:

– подршка на естрадни уметници;

– меѓународен семинар за македонски јазик, литература и култура.“- истакна Гогоска.

Според Гогоска особено загрижувало неводењето сметка за успешна реализација на семинарот за македонски јазик, кој претставувал своевиден проект – промотор на македонскиот јазик и литература во другите држави од светот.

„Охридскиот народен театар се’ уште, и по 7 месеци, никако да започне со работа со својот редовен репертоар, па љубителите на театарската уметност во Охрид останаа излажани и изманипулирани од страна на одговорните институции од ДПМНЕ.

*  Во програмата за Образование, исто така како целосно повлечени – нереализирани ставки се следните:

– изградба на фискултурна сала во ОУ „Ванчо Николески“;

– санација на фасада во ОУ „Св. Климент Охридски“;

– доградба на просториите за настава во природа со сместувачки капацитети во „Св. Климент Охридски“;

– реконструкција на топловодно греење во „Св. Климент Охридски“;

– промена на парен котел во ОУ„Братство Единство“ Лескајца;

– обезбедување на основните училишта со чуварска служба;

– хортикултурно уредување на училишните дворови со набавка на рачни косилици;

– видеонадзор во основните училишта;

– изградба на фискултурна сала ОУТУ„Ванчо Питошески“;

– реконструкција и санација на подови во училиштето ОЕМУЦ „Св.Наум Охридски“.“– обвини Гогоска и додаде дека сите овие наведени нереализирани ставки биле префрлени во новата програма за образование 2014 година.

„Во отчетот градоначалникот само напоменува дека се посветил на стабилизација на финансиските проблеми на училиштата, а не наведува дека тие се тековни финансиски  проблеми, за плаќање на сметки: струја, вода, комунални такси, неисплатени отпремнини по основ на тужби на пензионирани наставници, побарувања за неисплатени обврски за нафта за греење, и др., кои се покриваат со наменски блок-дотации, исплатени од буџетот на РМ. Со овој проблем не се соочува само нашата општина, овој проблем го имаат и другите општини – финансиската состојба на образовните установи зависи од централната власт.

*  Во програмата за Социјална заштита, се бришат следниве ставки:

– бесплатни курсеви за учење на аглиски и германски јазик;

– стипендирање на млади кои припаѓаат на социјално загрозени семејства.

Посебно внимание посветуваме на отстранувањето на вторава ставка и нејзиното заменување со нова – за стипендирање на талентирани ученици и студенти.“– додаде Гогоска.

Гогоска рече, дека од СДСМ немаат забелешка за овој проект, но дека децидно биле против начинот на формирање на комисијата за рангирање на пријавените и целосно се дистанцирале од објавената ранг-листа, бидејќи како што рече немале увид кој се’ се пријавил и дали биле целосно испочитувани наведените критериуми од конкурсот.Советниците од СДСМ ваквиот став го искажаа на 19-тата седница, кога поставија и конкретно прашање за тоа која комисија и врз какви критериуми се вршело рангирањето.

„Господа од ДПМНЕ, крајно време е да престанете да ја дефокусирате охридската јавноста од битните и суштински случувања во градот, прикривајќи ја со тоа својата неспособност да започнете да го реализирате она што го ветивте и што граѓаните безмалку една година го очекуваат. Направете промена на фокусот – од бесполезна критика на претходната власт кон работа и реализација на ветеното, затоа што граѓаните ве одбраа токму вас да го носите градот напред, а не да го враќате во минатото. И, не пропуштајте ја следната „епизода“ од серијалот „Ветено, а нереализирано од ДПМНЕ“, што ќе продолжи и во наредниот период.“– заврши Гогоска.