Во Струга започнува проектот „Образованието и полицијата против дрогата во заедницата“

Со пригодни типизирани предавања, денес во Струга ќе отпочне проектот „Образованието и полицијата против дрогата во заедницата“. Проектот денес напладне ќе се реализира пред професорите и психолошко-педагошките служби во средното училиште „Нико Нестор“, а во наредниот период и пред учениците и родителите. Проектот потоа ќе биде презентиран и пред учениците во средното училиште „Ибраим Темо“.

Овој проект што во изминативе две недели беше реализиран во средношколските центри во општина Охрид претставува продолжение на проектот „Дрога-вистина и заблуди“ спроведен во периодот од 2008 до 2012 година, пред околу 25000 ученици од основните и средните школи, наставници и родители на целото подрачје на СВР Охрид.

Во насока на намалување на штетите од злоупотреба на опојни дроги и добивање прецизни информации за ова зло, предавањата ќе ги спроведе обучен едукатор за оваа област. Проектот „Образованието и полицијата против дрогата во заедницата“ СВР Охрид го спроведува во координација и соработка со одделението за образование при Локалната самоуправа.