Груевски: Проектите на Владата им помагаат на Ромите за поквалитетен живот

Вработувањето, домувањето, образованието и здравството се четирите полиња во кои Ромите се соочуваат со големи предизвици, порача премиерот Никола Груевски на Петтата конференција посветена на Ромите и Ромите бегалци што денеска се одржува во Владата.

„На планот на вработувањето Ромите добиваат поддршка во повеќе програми за инклузивен раст како што се програмите за самовработување, за субвенционирање при вработување, за субвенционирање на плодоуживатели на државно земјоделско земјиште, за организирање јавни работи,… како и повеќе други чии мерки и ефекти во изминатиот период помогнаа за вработување на голем број ромски граѓани“, рече премиерот Груевски.

Тој нагласи дека во доменот на образованието значајно е што се оформи катедра на ромски јазик на Филолошкиот факултет при Универзитетот Кирил и Методиј, како и повеќе проекти за инклузија на децата Роми од предшколска возраст, основно образование, средношколци и студенти. Ги потенцира проектите за инклузија на децата Роми во предучилишни установи, воведувањето на изучувањето на ромскиот јазик како наставна програма во основното образование, обезбедувањето дополнителен условен паричен надоместок, проектот за стипендирање, туторство и менторство на средношколците Роми…

„Во сферата на домувањето и инвестициите во инфраструктурата беа реализирани многу проекти за изградба на патишта, водоводи и комунална инфраструктура. Секако еден од најзначајните е проектот за изградба на станови за социјални категории на граѓани во повеќе градови низ државата во рамките на кој повеќе станови беа распределени и на лица од ромско етничко потекло“, рече Груевски.

Во делот на здравството, посочи, се реализира проектот Ромски здравствен медијатор преку кој се помага за информирање и едукација на ромското население за пристап до здравствени услуги и советување за подобрување на квалитетот на животот и промоција на здрав животен стил, како и остварување на правото за матичен лекар, стоматолог и гинеколог.

„Сите овие проекти јасно говорат за нашата посветеност да им помогнеме на нашите сограѓани од ромска националност да имаат што подобар и поквалитетен живот во Република Македонија. Ромите се значаен сегмент од нашето општество и тие имаат придонес во вредностите кои заеднички ги споделуваме и во заложбите за унапредување на сите сфери на општествениот живот“, порача премиерот Груевски.

Владата, потенцира, ја прифати и декларацијата за продолжување на меѓународната иницијатива Декада за вклучување на Ромите и ја подготвуваме ревидираната Стратегија за Ромите за периодот 2014-2020 година, која ќе биде во согласност со насоките на Европската стратегија 2020.

Министерот без ресор Неждет Мустафа појасни дека Владата во периодот од 2009 до 2013 година одвоила 2,464 милиони денари за финансирање на Декадата на Ромите, а од донатори се добиени дополнителни 1,248 милиони денари.

„Оваа Влада ја отвори вратата на вистинската имплементација на Декадата на Ромите и е единствена во целиот регион каде се спроведува Декадата што ги стипендира ромските студенти. Ги отвори вратите за инклузивноста на ромските деца во 13 градови, воведе здравствени медијатори во 11 градови и отвори 13 ромски информативни центри кои работат на ранливите ромски проблеми кои беа со децении отворени“, рече Мустафа.

Тој нагласи дека Владата направи многу и за подобрување на инфраструктурата во местата каде живеат Ромите и овозможи повеќе од 400 ромски интелектуалци да се вработат во државната и јавната администрација.

Министерот за труд и социјална политика Диме Спасов рече дека Ромите се рамноправни граѓани на Република Македонија заради што, како што нагласи, должни сме да бараме решенија и да реализираме проекти за да се надминат предизвиците со кои се соочуваат.

„Ранливиот статус кој го имаат Ромите бара координирана и долгорочна стратегија на надлежните институции и сите инволвирани. Развојот на секоја држава зависи од директното учество на сите надлежни институции, сите организации, но и на граѓаните без исклучок, а за возврат таа создава еднакви можности за сите“, рече Спасов.

Стратешка определба на Министерството за труд и социјална политика, додаде, е постигнување повисок степен на вработливост, подобро и поквалитетно образование и намалување на сиромаштијата.

„Посебно би ги издвоил мерката за субвенционирање на работодавачите за вработување на невработени лица корисници на социјална парична помош и за вработување на млади лица до 29 години со кои им се даваат поволности на работодавачите за вработување на ваквите групи граѓани“, рече Спасов.

Евроамбасадорот Аиво Орав истакна дека во април годинава во Брисел ќе се одржи Третиот самит посветен на Ромите.

Имплементацијата на заклучоците од овој самит ќе бидат значајни за подобрување на состојбата на Ромите во општеството и квалитетот на нивниот живот.

Секретарот за европски прашања Јован Андоновски посочи дека имплементацијата на Декадата на Ромите е високо на агендата на Владата на Република Македонија.

„Тоа се покажува со фактот што во услови на криза беа преземени напори за зголемување на средствата во Буџетот на Република Македонија наменети за Декадата на Ромите“, рече Андоновски.

Тој посочи дека во учебната 2013/14 година стипендии добиле 716 ученици Роми и 120 ментори. Во 2013 година, нагласи, преку проектот за здравствени медијатори за Ромите посетени се 4.125 Роми на кои име се пружени 4.730 здравствени услуги.