Шехаби: Зголемена поддршката за филмови на автори Албанци

Зголемен е бројот на прифатени филмски проекти од продукции и автори од албанската етничка заедница, покажуваат резултатите од последниот конкурс на Агенцијата за филм на РМ за финансирање филмски проекти, кои денеска на прес-конференција ги соопшти Бехиџудин Шехаби, државен секретар во Министерството за култура.

Во категоријата долгометражни играни филмови со мнозински македонски удел, меѓу трите одобрени проекти е и „Можеби“ во режија на Кастриот Авдили на продукцијата „Дарданија филм“ од Скопје, со поддршка од 20 милиони денари. Со три милиони денари е поддржан долгометражниот документарен филм на Сенат Абдули „Исти доживувања од различни перспективи“, во кратките играни филмови поддршка има и за „Езерото“ на Бајрам Бајрами и Фатос Лумани, како и за краткиот документарец „Ромео и Јулија“ на Александар Русјаков на продукцијата „Ода“ од Тетово.

„Првпат се случува Албанците како филмски работници да се претставени со свои филмови во сите категории и првпат се случува албански автори и продукции врз основа на определбата за правична застапеност да достигнат до 25 проценти, а во некои категориии и повеќе. Во категоријата долгометражни играни филмови со мнозински македонски удел за филмот „Можеби“ на Кастриот Авдили имаме дури 33 проценти.

Генерално, околу 22 процента од целокупниот износ за сите филмови на овој конкурс добиваат албанските продукции, односно граѓаните Албанци во Македонија“ – рече Шехаби на прес-конференција во Министерството за култура.

Тој додаде дека зголемената поддршка е постигната преку интензивна соработка со Владата, со вклучност на двајцата заменици-премиери Албанци, со неговиот ангажман и, како што рече, благодараение на разбирањето од министерката за култура Елизабета Канческа-Милевска и директорката на Агенцијата за филм на РМ Мими Ѓоргоска-Илиевска.

„Ние успеавме да направиме еден многу одлучувачки чекор кон унапредување на албанскиот филм во Македонија, со надеж дека нема да застанаме тука и дека ова ќе биде мотив за авторите да работат во оваа дејност“, додаде државниот секретар Шехаби.