ОО на СДСМ Охрид, денес до медиумите, испрати соопштение како реакција на пресот на ОК на ВМРО ДПМНЕ Охрид, одржан на 11 март, во кое стои:
„Зарем не мислите дека е крајно време да престанете да се занимавате со минатото и да започнете веќе еднаш да размислувате за иднината?! Вашите прес конференции веќе се депласирани и личат една на друга, како јајце на јајце. СДСМ зборува преку силата на аргументите и фактите – нереализираните проекти во сферата на детската заштита, културата и образованието во општината се реалност. Токму затоа СДСМ повторно прашува – зошто не ги реализиравте во изминатиот период, кога то им го ветивте на граѓаните на Охрид во Вашата изборна програма на локалните избори? Тоа се прашања кои произлегуваат токму од отчетот за (не)сработеното на градоначалникот и локалната власт, која Вие ја практицирате. На вашиот завчерашен прес ниту една буква за ова, а јавноста чека да добие одговори. И секогаш кога не сакате да зборувате за фактите во сегашноста, кога бегате од вистината и кога немате одговор за поставените прашања, тогаш милувате да се повикате на минатото. И да барате алиби во поранешната градска власт, во наводниот „пустош и уништување“. ДО КОГА?!
Сепак, кога минатото Ви е омилена тема, објаснете и‘ на јавноста што направи за Охрид централната власт на ДПМНЕ, за време на владеењето на СДСМ како локална власт? Осум години ниту еден клинец не закова, ниту еден проект не започна, ниту еден кредит не одобри, ниту еден план не спроведе, ниту еден реален денар не инвестира, ниту било каква помош не овозможи за Охрид. Осум години сите граѓани на Охрид беа заложници на суровата пресметка на централната, со локалната власт. И сега, кога ја добивте довербата од граѓаните за локална власт, повторно само ветувања за иднината. Отчетот треба да е реален приказ на оствареното и реализираното, а не список на желби и нови ветувања.
И, по кој знае ко пат, јавно Ве повикуваме да објавите прецизна спецификација на долговите на општината – од кога датираат, од кој градоначалник се направени, за какви инвестиции станува збор и која е нивната поодделна вредност. Но, тогаш ќе треба најмногу да се задржите на десетгодишниот период од 1995 до 2005 година, кога ДПМНЕ ја практицираше локалната власт во Охрид. Вашата сериозност и посветеност на реализацијата на развојните проекти на локалната самоуправа во минатата година најдобро се виде на дело на завчерашната седница на Советот на Општина Охрид – кога дури ни членовите од Вашето советничко мнозинство не ги подржаа неквалитетните, несоодветни, нецелосни и крајно непрофесионално изработени годишни извештаи од сферата на јавните комунални дејности. А не Ви успеа ни намерата да го скриете во извештајот промашениот ребаланс на буџетот, што го направивте во јуни 2013 год. Грешките и пропустите, колку и да ги криете, секогаш ќе излезат на видело. А, ние сме тука, да ги откриеме и да и‘ ги предочиме на јавноста.“– се вели во реакцијата на ОО на СДСМ Охрид.