Дрекслмајер“, најголемата нова фабрика во Македонија, со најголем број вработени, јасно покажува дека политиките на Владата се правилно насочени кон подигнување на животниот стандард на граѓаните, изјави вицепремиерот Владимир Пешевски.
Пешевски, во придружба на министерот без ресор задолжен за привлекување странски инвестиции Веле Самак, имаше средба со високи претставници на германската компанија.
„Дрекслмајер“ е еден од проектите со кој се гордееме. Преку 50 милиони евра изнесува вкупната инвестиција од која дел е на локални добавувачи кои ја изградија фабриката. Моментно вработува околу 4.000 лица, а се очекува таа бројка да оди до 4.500 и повеќе. Тоа претставува голем черкор за намалување на невработеноста и отворање нови работни места“, рече Пешевски.
Покрај кавадарчани, во „Дрекслмајер“ има и 800 вработени од Велес, но и од Градско, Неготино, Валандово. Следната недела треба да дојдат и првите 200 вработени од Прилеп. Тоа, како што нагласи вицепремиерот, е од регионално значење и доказ за рамномерен регионален развој. Соработката со компанијата и нејзините добавувачи исто така носи нови работни места.
Според министерот Самак, станува збор за стратегиска фабрика која зафаќа над 50.000 метри квадратни површина, изградена од домашна фирма. Владата, како што потенцира, е задоволна од динамиката на инвестицијата.
Директорот на Агенцијата за вработување Влатко Поповски информира дека во директна соработка со „Дрекслмајер“ се бара најсоодветниот и најподготвен кадар.
„Задоволен сум од она што го видов овде, од начинот на кој се работи, од вработените меѓу кои има и машки и женски. Имаме огромна поддршка од надлежните кои ни овозможуваат да работиме откако претходно ни овозможија да инвестираме во Македонија. Се надеваме дека волку добро ќе биде и во иднина“, изјави Карл Валнер, член на одборот на директори на групацијата „Дрекслмајер“.
„Дрекслмајер“ е германска компанија од автомобилската индустрија која вработува околу 40.000 вработени во повеќе од 21 земја во светот. Има 56 капацитети ширум светот, а во Кавадарци произведува кабелски инсталации за новата серија „мерцедес Ц класа“. Компанијата во Македонија е добитник на титулата „Најдобар производствен капацитет“ во изданието на ФДИ Топ-проекти 2012 во конкуренција на над 16.000 грин-филд проекти од различни сектори низ светот. Нејзиното присуство, како и на „Кромберг и Шуберт“ во земјава успеа да ја привлече и туниската компанија „Коикаб“ која е директен доставувач на овие компании, да инвестира 10 милиони евра и во текот на 2014 година да изгради капацитети за екструзија на кабли веднаш до фабриката на „Дрекслмајер“.