СДСМ: Местото до зградите во Даљан е претворено во депонија, каде што се одлага градежен шут

ОО на СДСМ Охрид денес на прес конференција излезе со обвинувања кон надлежните во локалната самоуправа.

„Кон средината на месец Ноември минатата година Локалната самоуправа ги повика претставниците на урбаните и месните заедници да ги достават приоритетите, од аспект на изведување на инвестициски зафати. Како што е нормално од востановената практика со години наназад, целта на таквата соработка е да бидат земени во предвид приоритетните барања од граѓаните од сите урбани единици, при изготвувањето на годишните развојни програми и буџетот за наредната година. Во рамките на овие активности, членовите на Советот на Урбаната заедница Воска 4 доставиле барање до единицата на локалната самоуправа, со допис бр. 3-4-6, во кое се содржат приоритетите на жителите на овој дел од градот, како неопходни инвестициски зафати што треба да бидат реализирани во 2014 година. Мегу другото, луѓето побарале градежно и хортикултурно средување на празниот и неискористен земјен простор помеѓу зградите, на ул. „Трајче Трајчески“ – Сатеска. Со оглед на фактот што ништо не било преземено, жителите од оваа урбана заедница контактирале со надлежните лица од одделението за комунален развој во локалната самоуправа. По извесно време, на тоа место биле донесени и растоварени неколку камиони земја, без да бидат преземени и реализирани било какви градежни или хортикултурни активности. Во меѓувреме,местото е претворено во депонија, каде што се одлага градежен шут и многу други отпадни материјали. Жителите на оваа урбана заедница се немоќни, затоа што наместо уредена зелена површина, оплемената хортикултурно и со други соодветни рекреативни содржини, тие под своите домови добија мини депонија, каде што се одлага градежен шут и отпад. Овој проблем посебно се однесува на најмладите од околните згради, кои секојдневно играат и се движат низ ѓубре и градежен шут, наместо тоа да го прават на уредена, оплеменета и еколошки чиста површина.“– обвини портпаролот на ОО на СДСМ Охрид, Александар Кузески.

Од ОО на СДСМ Охрид им укажуваат на надлежните служби во локалната самоуправа дека на овој начин не се реализирале ветените проекти, не се реализирле ветените развојни програми. На прес средбата беше посочено дека  ОО на СДСМ Охрид нема да подлегнува на ниските провокации за кои ДПМНЕ шпекулира деновиве.

„Имено СДСМ отсекогаш имал коректни односи со сите редакции, новинари и фоторепортери од Охрид, не вршејќи притоа никакви притисоци, закани и уцени или било какво девалвирање на новинарската професија. Тоа се препознатли методи на ДПМНЕ. Впрочем во времето на владеењето на СДСМ до 2006 година слободата на медиумите во Македонија беше рангирана на 36 место, а сега во времето на ДПМНЕ Македонија е на дното на светската ранг листа на 123 место. Во времето на СДСМ не беше затворен ниту еден медиум, не беше уапсен ниту еден новинар, кога ДПМНЕ владее се затвораат медиуми и се апсат новинари. Состојбата со новинарството во Македонија е алармантно загрижувачка како што констатираат странските аналитичари, а 80 % од новинарите на последната анкета кажуваат дека состојбите во новинарството се влошуваат а половината од нив биле соочени со некаков вид на цензура.“ – истакна Кузески.

Во врска со нападите за недомаќинско и несовесно работење на локалните јавни претпријатија во времето на СДСМ, Кузески рече:

„Tоа претставува само уште еден неуспешен обид да му се припишат на СДСМ туѓи гревови поради нестручното, несовесното и криминалното раководење со општинските јавни претпријатија во времето на ДПМНЕ за направените и неплатените долгови и неизмирените обврски во периодот од 1995 до 2005 година кои доспеваат на присилна наплата по 2005 година“

Кузески уште еднаш потсети, доколку во ДПМНЕ заборавиле- СДСМ во 2013 година ги изгуби локалните избори во Охрид по 8 години владеење со локалната самоуправа.

„Мнозинството од граѓаните на Охрид довербата му ја даде на ДПМНЕ. СДСМ ја понесе одговорноста, стана опозиција, а со тоа престана обврската да дава одговори на поставени прашања бидејки доколку се работело незаконски, недомаќински и несовесно, за тоа постојат соодветни органи на прогон, што се должни да постапат во согласност со законите, а не на прес конференции да се шират невистини и манипулации. Од друга страна, сега, според сите правила на демократијата, прашања поставува опозицијата, а одговори дава власта.“- додаде Кузески.

WebOhrid