Градските татковци го одржаа продолжението од четвртата седница

Во Општина Охрид денес се одржа продолжението од четвртата седница на Локалниот Економски Совет, со која претседавеше градоначалникот Никола Бакрачески. Членовите на советот расправаа по пет точки  кои не  беа  разгледани  на состанокот одржан минатиот месец.

Прва на дневен ред беше точката што се однесува на развојниот план за авто-кампот „Андон Дуков“.  Во таа насока градските татковци ги зедоа во предвид одлуките на  комисијата што беше формирана во рамките на Владиниот  економскиот совет кој направи увид на сите авто-кампови кои што во моментов функционираат околу Охридското Езеро, а беа разгледани и генералните  насоки за идниот  развој на  авто-камповите во Охрид и Струга.

Индустриската зона „Мауцхер“ беше втората точка на дневен ред, по што се разгледаа можностите за воведување редовни авио летови од охридскиот аеродром Св. „Апостол Павле“.

„Во изминатиов период ние бевме во интензивни преговори со неколку авио компании кои пројавија интерес да воспостават редовни летови од охридскиот аеродром. Врз основа на тие преговори, а се разбира согледувајќи ги реалните можности на градот Охрид, изготвивме тендерска документација  за поддршка на туризмот во Охрид, врз основа на која што ќе бараме партнер  кој  би воспоставил   редовни авио линии од и до охридскиот аеродром. Тендерската документација веќе е специфицирана и завршена и мислам дека наредниве денови јавно ќе биде објавен огласот за изнајмување на авио компанија која што ќе прави промоција на градот Охрид преку воспоставувавње редовни авио летови од охридскиот аеродром“, – рече градоначалникот Бакрачески.

Во улога на претседател, градоначалникот Бакрачески ги информира членовите на Локалниот економски совет за заложбата на општина Охрид околу изградбата  на пензионерски дом.

„Тоа е заложба што ние силно ја поддржуваме и ги стимулираме не само приватните инвеститори  туку и сите оние институции кои што сметаат дека Охрид е вистинско место за градење на пензионерски домови, а што претставува една неодложна потреба на населението во Охрид“, истакна градоначалникот Бакрачески посочувајќи дека Локалната власт во овој момент сака да ги поттикне членовите на советот на градски татковци и секако нивните пријатели и соработници – бизнис партнери да пројават јавен интерес  и евентуално да  предложат идеи за реализација на овој голем проект.

Градските татковци дебатираа и за  состојбата со времените објекти во  Охрид.

Теми на дискусија на членовите на Локалниот Економски Совет  на наредниот работен состанок ќе бидат, иднината на стопанските објекти кои што се лоцирани на териоторијата на општина Охрид, а кои во овој момент не се функционални како и создавање работна група за изработка на конзистентна стратегија за економски развој на Охрид.

Sostanok_g_t_mart_4853