СДСМ: Заплашувањата на ВМРО-ДПМНЕ се мит!

ОО на СДСМ Охрид, денес испрати соопшетние до медиумите, во кое се вели:

„Со синоќешниот митинг во Охрид, ВМРО-ДПМНЕ уште еднаш покажа дека не бира средства за да ја покаже својата наводна моќ и “силна и масовна поддршка” од народот.

Започнаа со бројни билборди на нивниот претседателски кандидат, коишто осамнаа неколку часа пред митингот,што е грубо кршење на Изборниот Законик,  а продолжија со уцени, закани и притисоци.

Волонтерите во образовните и здравствените институции во с.Велгошти на сред работно време беа приморани да присуствуваат на партискиот митинг на ВМРО ДПМНЕ.

Не им беше доста што на партиски послушници предизборно им доделија 14 времени вработувања во ЈП „Охридски Комуналец”, туку под притисок ги вадеа луѓето од своите работни места, од своите домови, децата од училишните клупи, за да се зголеми бројката на присутни на вчерашниот митинг.

Против своја воља, илјадници од сите градови во Република Македонија беа приморани синоќа да дојдат во Охрид за да ВМРО ДПМНЕ ја демонстрира наводната “сила на народот”.

Ако народот е на ваша страна, зошто ви се заканите и притисоците?!

Затоа уште еднаш апелираме: Заплашувањата на ВМРО ДПМНЕ се мит ! Никој нема да види, ниту да слушне за кого сте го дале својот глас!

Помина времето на манипулации и застрашувања на гласачите од страна на ВМРО ДПМНЕ! 

Казната од гласачите  за сите злоупотреби, уценувања, закани и притисоци, ќе ги стигне на овие избори!“– стои во соопштението на ОО на СДСМ Охрид.