Во врска со соопштението на ОО на СДСМ Охрид, реакција испрати ОК на ВМРО-ДПМНЕ, во која стои:
„Сагата на СДСМ продолжува, но продолжуваат и конфузни соопштенија од нивна страна. Во врска со кредитот од Светска банка очигледно покрај тоталното непознавање на процедурите очигледно кај СДСМ недостасувала и желбата за добивање на ваков проект.
Типичното спинување и негативна реторика како и неосновани обвинувања кон општинските служби исто така се само дел од алатките со кои се служи СДСМ за да го затскрие нивното незнаење и небулози.
ВМРО ДПМНЕ повторно прашува: Кој е тој проект или проектна документација што СДСМ ја доставила и врз основа на што би се одобрил кредитот од Светска банка? Или ако Вие тешко да одговорите на ова прашање тогаш кој е идејниот план на проектот со што би се добил крајниот ефект – добивање на кредит од Светска банка?
Господо од СДСМ, немате одговор на ниедно прашање бидејќи се служите со лаги и манипулации и денес, како што тоа го правевте цели осум години раководејќи со градот Охрид. Немате одговор на ниедно прашање од многуте што ВМРО ДПМНЕ ви ги постави бидејќи знаете дека со одговорите се обелоденува вашето недомаќинско работење.
ВМРО ДПМНЕ и градоначалникот Бакрачески се целосно посветени кон она што значи просперитет на градот Охрид кон сите сфери.Тоа е единствениот пат по кој се трасира посветла иднина и на граѓаните и на градот Охрид.“ – стои во реакцијата од ОК на ВМРО-ДПМНЕ Охрид.