Ристовски: Лабораториите на Ветеринарниот факултет водечки во регионот

Министерот за образование и наука Спиро Ристовски денеска ги посети лабораториите на институтите за храна, ветеринарство и биомедицина кои функционираат во рамки на Факултетот за ветеринарна медицина.

Изразувајќи задоволство од начинот и квалитетот со кој се спроведуваат испитувањата, Ристовски напомена дека не случајно овие лаборатории и Ветеринарниот факултет се прогласени за регионален тренинг центар.

„Во овие лаборатории се анализира квалитетот на храната од животинско потекло со користење 104 акредитирани методи и најсовремена опрема. Прогласени за регионален тренинг центар од страна на Меѓународната агенција за атомска енергија со седиште во Виена што е од исклучително значање за промоција на Македонија во делот на научно-истражувачката и апликативната дејност“, изјави Ристовски по посетата.

Тој посебно се осврна на атомскиот апсорбер кој овозможува контрола на тешките метали во храната. – Со ова, лабораторијата е лидер во регинот. Следниот период Владата ќе и помогне за уште повеќе да се комерцијализира, потенцира министерот.

Ристовски ја поздрави одлуката на Ветеринарниот факултет – сите дополнителни средства што ги добива, да се реинвестираат во опремување и зајакнување на капацитетите. Тоа, рече, треба да биде пример и за другите научно-образовни институции во државата.

На Ветеринарарниот факултет моментно магистерски и докторски студии привршуваат неколку студенти од Европа, Азија и Африка што, според Ристовски, е уште една потврда за компетентноста на установата.

Деканот на Факултетот Дине Митров информира дека капацитетот на лабораториите е стопроцентно искористен.

„Кога беше кризата со афлатоксините работевме во три смени, по потреба работиме во две. Се обидуваме се да завршиме. Максимално сме оптоварени со работа за потребите на граѓаните во делот на храната и здравствена заштита на животните, како и во дијагностиката на болести пропшиани од Агенцијата за храна“, нагласи Митров.

Министерот Спировски при посетата беше придружуван од ректорот на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ Велимир Стојковски.