Над 30-тина типови испитувања за влијанието на лековите кои ги примаат пациентите и тоа пред се со малигни заболувања, но не ограничувајќи се само на нив, ќе се прават во лабораторијата за биомолекуларни фармацевтски анализи при Фармацевтскиот факултет. За тие испитувања пациентите досега плаќаа многу средства, некои од нив и до 11.000 денари, а сега тие ќе се прават само со партиципација, што значи многукратно се намалува износот кој тие треба да го платат за нив.
Фондот за здравствено осигурување на Македонија ќе плаќа најголем дел од сумата потребна за тој тип испитувања. Највисоката партиципација веројатно ќе се движи околу 1.000 денари. Ова го предвидува договорот, кој денеска го склучија Фармацевтскиот факултет и ФЗОМ. Станува збор за прв договор склучен меѓу ФЗОМ и Фармацевтскиот факултет за давање на услуги кои се поврзани со пациенти.
По повод склучувањето на договорот денеска министерот за здравство Никола Тодоров заедно со директорот на ФЗОМ, Сашо Стефаноски ја посетија таа лабораторија на Фармацевтскиот факултет.
Тодоров изјави дека со договорот ќе се овозможи поголем степен на користење на персонализираната медицина и давање услуги на околу 600 пациенти годишно кои претходно тие ги плаќаа со сопствени средства, а сега тие ќе бидат покриени од ФЗОМ.
Посочи дека персонализираната медицина е предвидена во протоколите за медицина базирана на докази и согласно тие протоколи треба да се прават испитувања во таа лаборатијата за да се утврди дали и како терапијата реагира кај конкретен пациент на персонално ниво со што ќе се подобри третманот односно лекувањето на пациентите.
„Оваа лабораторија беше набавена од Министерството за образование и наука во рамки на проектот за набавка на лаборатории на високо образовните установи, беше ставена во функција, функционираше, но без договор со Фондот за здравствено осигурување“,потенцира Тодоров.
Фармацевтскиот факултет, нагласи, е установа која има големо искуство во оваа област, има обучен кадар кој е подготвен да одговори на овие барања на пациентите, имајќи предвид дека и досега ваков тип испитувања се правени тука, но тоа било спорадично и не во рамки на здравствениот систем на државата.
Тодоров потенцира дека таа лабораторија се повеќе ќе се проширува, а веројатно е дека е можно ваква соработка да има за некои други типови испитувања кои се уште не се прават во Македонија или се прават за помал број пациенти.
На новинарско прашање со партиципацијата која ќе биде најголемата сума која сега ќе треба да ја плати еден пациент, Тодоров рече дека согласно позитивното законодавство таа не може да надмине 6.000 денари, но, тука таа ќе биде драстично пониска, веројатно највисоката партиципација ќе се движи околу 1.000 денари.
Деканот на Фармацевтскиот факултет, Светлана Кулеванова рече дека се задоволни што се препознаени како институција која може да одговори на вакви барања. Се заблагодари на Министерството и на Фондот со кои преговарале за оваа активност.
„Кредибилитетот на нашата установа е многу голем и се надеваме дека ќе имаме добар одговор на обврските според договорот што го склучивме и дека во иднина само ќе се надградуваме,“ додаде Кулеванова.
Проф.Александар Димовски од Фармацевтскиот факултет рече дека најголем дел од испитувањата ќе одат преку клиниките кои ги упатуваат пациентите.
„Ние ги вршиме анализите и резултатите ги испраќаме до клиниките. Главно тоа се клиниките за онкологија, за хематологија, значи тие кои третираат пациенти со малигни заболувања и Клиниката за педијатрија, хемато-онколошкото одделение. Тие ни се главни комитенти,“ додаде Димовски.
Директорот на ФЗОМ, Сашо Стефаноски истакна дека динамиката на спроведување на договорот кој Фондот го потпишал со Фармацевтскиот факултет ќе се одвива како и за сите други здравствени установи.
„Фармацевтскиот факултет ќе фактурира услуги кои ги врши по основ на тој договор, а Фондот за здравствено осигурување ќе ги надоместува трошоците. Ако досега пациентот 100 проценти ја плаќал услугата, од сега па натаму согласно законот ќе биде обврзан само да ја плати партиципацијата која е драстично помала од тоа што досега е плаќано, а ако цената на услугата е 10.000 денари, значително помала ќе биде сумата за партиципација – околу илјада и нешто денари“, рече Стефаноски.
Посочи дека овие услуги ќе станат достапни за повеќе од 600 пациенти во текот на годината и најзначајно во ова е дека се оди еден чекор напред, се подигнува нивото на утврдување на тоа кои лекови се ефективни за третирање на пациентите.
„Персонализираната медицина е нешто кое е тренд во светот. Република Македонија преку политиките на Министерството за здравство и ФЗОМ ги следи тие чекори затоа што нашите политики ги креираме пред се во полза на граѓаните на Република Македонија-давање на повеќе и обезбедување на повеќе права и услуги во здравствениот систем и унапредување на здравствените установи да даваат поквалитетни услуги“, додаде Стефаноски.