Соработка на министерствата за култура на Македонија и на Литванија

Одличните билатерални односи на Македонија и Литванија овозможија меѓусебно запознавање со културните вредности на двете земји, истакнаа денеска на средба во Скопје, македонската министерка за култура Елизабета Канческа-Милевска и литванскиот заменик-министер за култура Дариус Мажинтас.

„На средбата стана збор за досегашната соработка меѓу двете министерства што е потврдена и со потпишување на Договорот за соработка во областа на културата. Воедно беше разгледана и можноста за нејзино унапредување преку размена на уметници, музички ансамбли, како и меѓуинституционална соработка меѓу музеите за современа уметност и националните галерии, што би резултирало со организирање изложби и ликовни колонии“, соопшти македонското Министерство за култура по средбата.

Канческа-Милевска го информирала заменик-министерот Мажинтас за позначајните активности на Министерството за култура, како и за реализацијата на капиталните инвестиции и сите инфраструктурни објекти од областа на културата. Го поканила заменик-министерот на Литванија за повторна посета на Македонија во рамки на наредните изданија на реномираниот фестивал „Охридско лето“ и на поетската манифестација „Струшки вечери на поезијата“.